Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (понеделник, 30.06.2014 година) оствари средба со Тоцео Тамута, претседател на бордот на директори на Jапан Реилвеј Ист (ЈРИ) Компани.
Јапан Реилвеј Ист Компани е компанија која се занимава со бизнис во повеќе сфери, меѓу кои и железничкиот сообраќај и медицината, и која на годишно ниво остварува приход од 28 милијарди долари, а добивка од околу 2 милијарди долари.
Премиерот Груевски ја посети и болницата која е во сопственост на ЈРИ, и која е особено успешна и позната во Јапонија во делот на ортопедската медицина, рехабилитацијата од повреди и третманот на канцери, и која во својата работа промовира многу медицински иновации и во поглед на медицинските апарати и опрема и во поглед на медицинските методи за лекување.
Соговорниците разговараа за можностите за соработка во областа на здравството и во областа на железничкиот сообраќај. Во областа на соработката во здравството беше договорено македонски доктори и медицински персонал да престојуваат и да бидат обучувани во рамките на ЈРИ болницата, а лекари од ЈРИ болницата да престојуваат во Македонија и да пренесуваат знаења на своите македонски колеги за примена на напредни медицински методи. За оваа цел, во брз иден период ќе бидат прецизирани сите детали околу видот на медицински области во кои ќе има соработка.
На полето на соработката на железничкиот сообраќај беше истакната можноста за јапонска помош во развој на железничкиот сообраќај во Македонија, со акцентирање на можноста за едукација на лица од нашите железнички претпријатија или институции, или пак ученици и студенти од областа на железничкиот сообраќај, во школата за железнички сообраќај на ЈРИ која е најреномирана ваква школа во Јапонија.
Оваа болница е напредна во многу области, но особено се истакнува во делот на ортопедската медицина и во делот на рехабилитација од повреди, а исто така и во делот на третман на канцер. Во краток период треба да ги договориме деталите во смисла на тоа кога ќе почнат да доаѓаат наши доктори и медицински персонал и точно во кои оддели ќе бидат прифатени и ќе бидат обучувани и за најнови достигнувања во областа на медицината. На средбата со претседателот на оваа компанија имавме разговор за многу можности за соработка, и соработката не само што ќе биде во делот на медицината туку ќе биде и во делот на обуки во делот на железнички транспорт, бидејќи се работи за една поголема компанија која што покрај болницата поседува и дел од железницата, изјави премиерот Груевски по средбата.
Претседателот на компанијата Тамута изрази задоволство од можноста за остварување на соработка со нашата земја.
Веруваме дека ова е почеток на една зголемена и продлабочена соработка помеѓу Јапонија и Македонија. Се надеваме дека нашиот придонес може да и помогне на вашата земја во развој на економијата. Што се однесува до полето на медицината ова е шанса и можност што повеќе доктори и медицински персонал од вашата земја да не посетат и да бидат тренирани овде. Исто така, на полето на железницата, ако има нешто со кое што ние можеме да помогнеме во насока на развој и поддршка на вашата железница ние би сакале да помогнеме со задоволство, изјави Тамута.
Официјалната посета на Јапонија на македонската владина делегација ќе продолжи со организирање на бизнис форум во Токио и средба на премиерот Груевски со јапонскиот премиер Абе.