Почнува процесот на акредитација на здравствените установи

Од утре почнува процесот на исполнување на критериумите за акредитација и стандардизација на јавните здравствени установи во Македонија. За таа цел денеска на сите директори на јавните здравствени установи од секундарно и терциерно ниво им беа дадени укажувања односно сет мерки кои треба да ги преземат во зададени рокови за да ги исполнат стандардите за акредитација. Министерството за здравство континуирано ќе доставува укажувања и примери за добра пракса, кои ќе послужат како соодветен пример за конкретни стандарди.

Целта е  да се овозможи стандардизирано ниво на квалитет на здравствените услуги во сите јавни здравствени установи во Република Македонија, односно целокупно унапредување на здравствениот систем по примерот на најразвиените светски здравствени системи.

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција во Владата на која присуствуваа и директорите на јавните здравствени установи во државата, рече дека целта на тој процес е да има не само подобри здравствени услуги, туку и установи кои во пружање на квалитетот ќе бидат на ниво на најразвиените здравствени системи во Европа и пошироко.

„Почнувајќи од денеска Министерството за здравство до сите ЈЗУ од секундардна и терциерна здравствена заштита веќе достави и примери за добра пракса, кои треба да послужат за олеснување на процесот на подготовка на целосната документација. Особено е важно и претставниците на медиумите во државата во континуитет да ги следат овие активности со цел заеднички да придонесеме кон побрза и поуспешна имплементација на системот за акредитација“, рече Тодоров.

Посочи дека стандардите за акредитација се поделени во поглавјата: управување и раководење, човечки ресирси, управување со информации, управување со ризик и безбедност на пациенти, лекување на пациенти и специфични клинички услуги.

Тодоров наведе примери разработени во првиот дел од поглавјето за Управување со ризик и безбедност на пациенти и вториот дел, кој се однесува на поглавјето за Човечки ресурси.

„Особено значаен стандард од поглавјето Управување и раководење, претставува планот за управување со ризик на ниво на болницата. За таа цел, здравствената установа ќе формира група на одговорни лица која ќе собира и врши анализа на информации за идентификување на ризиците во установата. Групата ќе биде задолжена за областите кои опфаќаат: здравје и безбедност на работа, контрола на ширење на заразни болести, безбедност на пациентот и вработените, несакани случувања и подготвеност за итно реагирање во случај на вонредни ситуации“, истакна Тодоров.

За таа цел, како што укажа, од ЈЗУ се очекува, во најкраток рок да ги определат ризиците, да овластат лице за евиденција, како и да воспостават систем на следење на зачестеноста на ризиците и степенот на опасноста. Потенцира дека здравствените установи треба да изготват стратегија за управување со ризик во установата со која ќе бидат запознаени сите вработени, како и да ги запознаат вработените со планот за управување со ризик.

„Во таа насока се надоврзува и стандардот за утврдување план во случај на масовни несреќи и несреќни случаи, од поглавјето Управување со ризик и безбедност на пациенти. Со исполнување на овој критериум од ЈЗУ се очекува да создадат систем на комуникација неопходен за вакви случаи, како и згрижување на жртвите во случај на вакви несреќи. Исполнувањето на овој критериум претставува обврска за директорите на ЈЗУ, во точно определен рок да формираат работна група која ќе го подготви овој план, ќе ги запознае сите вработени и ќе постави одговорни лица надлежни во случаи на масовни несреќи“, рече Тодоров.

Од истото поглавје, министерот укажа на стандардот „процес за идентификување, проценување и решавање на несаканите случувања“, со чие исполнување ЈЗУ имаат обврска да воспостават систем за информирање во врска со несакани случувања, кој предвидува цела една постапка не само за евиденција, туку и за јасно решавање во рок од 7 дена на пријавени случаи.

Посочи дека тоа значи оти одговорно лице ќе испитува врз основа на одредени мерки и принципи како се случила појавата, но ќе презема и активности за отстранување на причините, кои довеле до несаканите случувања и тоа во рок од 15 дена.

„Од поглавјето Човечки ресурси сакам да го посочам и стандардот „следење на задоволството на вработените“. Првиот чекор во исполнување на овој критериум е правење истражување на задоволството на вработените, еднаш годишно, за што Министерството за здравство постави конкретен рок за почнување со тој процес. Тоа значи дека сите ЗУ имаат обврска еднаш годишно да го практикуваат ова мерење, да воспостават соодветен систем со кој ќе се мери задоволството на вработените, како и утврдување на начинот на објавување на добиените резултати“, рече Тодоров.

Според него, тоа претставува само еден чекор кон реализација на стандардот за следење на задоволството на вработените.

Во претстојниот период, Министерството за здравство во соработка со новоформираната Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи, како што нагласи, ќе биде целосно фокусирано кон овој процес на исполнување на условите, со цел добивање на акредитацијата.

Директорот на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствените установи, Елизабета Зисовска истакна дека Агенцијата ќе стои на располагање во интерес на олеснување на имплементација на сите стандарди за акредитација.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот Тодоров рече дека Република Македонија го избрала францускиот модел на акредитација на сите здравствени установи.