Изложба на словенски ракописи од Македонија од 13 до 19 век во Националната и универзитетска библиотека Св. Климент Охридски-Скопје

Посетителите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје, од 1 до 10 јули 2014 година, ќе имаат можност да ја видат ексклузивната изложба „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“. Изложбата која е организирана во рамките на јубилејното чествување на 70-годишнината од основањето на НУБ „Св. Климент Охридски“, утревечер во 20 часот свечено ќе ја отворат министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директор на оваа национална библиотека „Св. Климент Охридски“, Иван К. Заров.

По гостувањето на изложбата во Кралскиот музеј Мариемон во Белгија и скорешното нејзино претставување во Ватиканските музеи во рамките на традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ и 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Македонија и Светата Столица, за првпат изложбата ќе биде презентирана и пред пошироката македонска културна  и општествена јавност.

Преку изложбата, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со нашето културно-историско наследство, преку најрепрезентативните ракописни книги, сведоци на илјадагодишната словенска писмена традиција на Македонија на чии темели е вградена дејноста на двајца од најзначајните Кирилометодиеви ученици и учесници во Моравската мисија – светите Климент и Наум Охридски.

Ракописните книги вклучени во оваа изложба опфаќаат еден голем хронолошки дијапазон и имаат една доминантна теолошка и литургиска конотираност со исклучок на два ракописи од 19 век низ кои провејува една граѓанска, профана обоеност.

Од вкупно триесет ракописи, 21 се од фондот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, а останатите девет ракописи се од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Државниот архив на Македонија, Историскиот архив – Охрид, Македонската архиепископија (Богословски факултет) – Скопје и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).