По 13-ти пат ќе се одржи „Канеофест“ 2014

По 13-ти пат ќе се одржи фестивалот „Канеофест“ 2014, во организација и покровителство на Телевизија Морис од Охрид. Традицијата на фестивалот до неговото 11 издание беше да се натпреваруваат само интерпретатори на новокомпонирани мелодии од областа на поп музиката, но од минатата година фестивалот прерасна во 2 фестивалски вечери, односно беше воведена уште една вечер на фолк музиката.

„Стручното жири ќе го сочинуваат исклучиво професори по музика кои што ќе ги оценуваат натпреварувачите. Натпреварувачите исто така ќе бидат оценувани и од публиката, која ќе гласа со самите влезници кои воедно ќе претставуваат гласачко ливче. Изведувачите добиваат прва, втора и трета награда од жири, прва, втора и трета награда од публика и секако гран при наградата.“– истакна на денешната прес-конференција, уметничкиот директор на фестивалот, Кристина Алексиеска.

KaneoFest2014Press01

Фестивалот годинава  ќе започне на 3 јули(четврток), со фолк вечерта каде што ќе се натпреваруваат 20 учесници со новокомпонирани, дотогаш неизведени композиции. Во ревијалниот дел на вечерта,  ќе настапат Јордан Митев и Културно уметничкото друштво „Младост“ од Кичево .

„Со оглед на тоа дека и сцената за прв пат проработува, новата сцена, се надевам дека отворањето ќе си добие специфичен белег, белег на две работи, отворањето на сцената и почеток на фестивалското лето во Охрид. Велам почеток на фестивалското лето во Охрид зашто ова е вистински фестивал, не е ревијален, не е комерцијален, а во вистинските фестивал како да сме први.“ рече извршниот директор на Канеофест, Јован Трпески.

KaneoFest2014Press03

Канеофест ќе биде затворен на 4 јули, каде ќе се натпреваруваат изведувачите на новокомпонираните, дотогаш неизведени поп мелодии, каде публиката во ревијалниот дел од фестивалот ќе има можност да ужива во настапите на Тајзи, Влатко Илевски, Дарко Илиески, Боби Мојсоски, Климент Стојаноски, Денис Мурат и Симона Поповска.

Фестивалот ќе се одржи на летната сцена Долни Сарај. Почетокот на двете вечери е закажан за 21 часот. Влезниците чинат 100 денари за фолк вечерта, а 150 денари за поп вечерта. Истите можат да се набават на продажните пунктови на градскиот плоштад, како и во просториите на телевизија Морис.

А. Андриоски/WebOhrid