Сите нови градби задолжително со приклучок за гас

Сите видови нови градби треба да имаат приклучок за гасоводна инфраструктура со што би се овозможило непречено поврзување по изградбата на оваа инфраструктура.

Тоа е предвидено со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, што го  достави Владата  до Собранието на Република Македонија.

Тоа е новина во законот, затоа што во досегашните законски решенија не постоеше задолжителна обврска градбите да бидат  проектирани и изведени со приклучок на објектот на гасоводна мрежа.

„Со новиот предложен член 11-а се пропишува дека градбата треба да биде проектирана и изведена со приклучок за гасоводна инфраструктура. На овој начин ќе се овозможи сите нови градби да бидат подготвени за процес на гасификација, односно новите градби да можат да бидат непречено приклучувани на гасоводната мрежа со цел користење на природниот гас како алтернативен енергенс“, велат од Министерството за транспорт и врски.