Овој петок на 4 јули, во организација на Општина Охрид, со промоција на традиционалните занаети на малиот плоштад и официјално ќе започне овогодинешната манифестација „Бело лето“ веќе позната по специјалната понуда и незаборавната забава која полека, но сигурно станува препознатлив бренд за одбележување на почетокот на летната туристичка сезона во Охрид.
Централниот настан на годинешната манифестација ќе биде спектакуларниот настап со самостоен концерт на момците од групата „Нокаут“, кои пред охриѓани и нивните гости на плоштадот во Охрид ќе го претстават нивниот албум, но и ќе ги исвират нивните најголеми хитови, кои секогаш се радо пречекани од тамошната публика. Концертот е со почеток во 21 часот, а вечерта со свој сет ќе настапи и диџеј Насти Делукс.
Сите културни институции во Охрид, како и секоја година, така и оваа , ќе бидат вклучени во реализацијата на програмата на најдолгата бела ноќ во Охрид.
Во рамки на активностите, угостителските објекти ќе понудат попуст на своите услуги до 30 проценти, а секако се очекува свој придонес да дадат и граѓаните со своето масовно присуство, со што би се допринело за зголемување на интересот на посетителите и туристите за добра забава, како и збогатување на туристичката понуда на Охрид.