Од први јули работниците имаат право на К15

Од први јули сите вработени во приватниот сектор ќе имаат право на исплата на регрес за годишен одмор или популарно наречено К15. Законскиот рок за исплата на надоместот почнува од денеска а ќе трае до крај на годинава. Минималниот износ е 8400 денари. Доколку сакаат, фирмите можат да исплатат и поголем износ . Ова стои во последните измени на Општиот колективен договор за стопанството, кои стапија во сила од 1 јануари годинава, а имаат важност од две години. Според нив, надомест ќе може да земат само оние лица што работат кај ист работодавец најмалку 6 месеци во една календарска година, пишува Лидер.

Измените следеа откако на крајот на минатата година, Организацијата на работодавци и Сојузот на синдикатите на Македонија се договорија износот да изнесува најмалку 40 проценти од просечната нето-плата во земјава.

„Ги охрабруваме компаниите да го спорведат законот за да не сносат казни. Во спротивно ќе бидат принудени сепак да го исплатат регресот и плус да ја платат казната. Ние сепак, како организација ќе поднесеме барање за промена на колективниот договор. Многу од компаниите и наши но и членки на други асоцијации изразија негодување дека не им било планирано со минатогодишниот бизнис план исплатата на регресот и дека ќе се соочќат со потешкотии“, вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

За неисплата на К15 сега е предвидена глоба од 3.000 до 4.000 евра, и тоа од 2.000 до 3.000 евра за правното лице и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице кај работодавецот. Според Живко Митревски, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, исплатата на регресот ќе се одвива без порблем.

„Нашата проценка е дека нема да има проблеми со спроведување на мерката, Дури и кај трудоинтензивните гранки, како што кожарската, текстилната индустрија кои имаат пробеми со ипслата, изјавија дека нема да им биде трошок. Тоа е отприлика 700 денари месечно. Ќе имаме активен ангажман во делот на контроли на фирмите и мислам дека нема да има проблеми“, вели Митревски.

За да се избегне опасноста некои компании да не го исплаќаат регресот за годишен одмор, Синдикатот заедно со Министерството за труд и социјална политика договориле, доколку има екстремни појави и од работниците се бара враќање одредена сума, брзо и итно да се реагира и од Министерството и од синдикатот.

Законот за работните односи предвидува дека работникот, доколку не му биде исплатен регресот, може со тужба пред надлежниот суд да бара заштита на правата од колективниот договор, но ако претходно со помош на арбитражата од страна на синдикатот, а и со трудова инспекција не се успее да се натера газдата да ги почитува законските одредби.

Извор: Нет Прес