Од нелиценцирани игри на среќа за неколку години „спечалиле“ над 95 милиони денари

СВР Битола поднесе кривична пријава против лицата З.П. (44) од Прилеп, одговорно лице во повеќе подружници во фирмата „ДЕПО-КОРУ“ ДОО експорт импорт Скопје, И.И. (44) од Скопје управител на погоре споменатата фирма, како и против правното лице „ДЕПО-КОРУ“ ДОО експорт-импорт Скопје.

Според документираните сознанија првопријавениот З.П. се сомничи дека ги сторил кривичните дела: „комар“, потоа „приредување игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган“ како и кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Второпријавениот пак се сомничи за сторени кривични дела: „приредување игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган“ и кривичното дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, додека пак правното лице „ДЕПО-КОРУ“ ДОО експорт-импорт Скопје за сторени кривични дела – „приредување игри на среќа без лиценца односно дозвола од надлежен орган“ и „даночно затајување“.

Имено, во периодот од 2007 до февруари 2012 година спротивно на одредбите од Законот за игри на среќа и за забавните игри, фирмата „ДЕПО-КОРУ“ ДОО експорт-импорт Скопје, односно обложувалниците „ДЕПОРТИВО“ отпочнале со приредување и организирање на посебна игра на среќа „Обложување на спортски натпревари“, но и на други видови игри на среќа на повеќе уплатни места во Прилеп и прилепско како и во други градови од државата.

Така на 01.01.2007 година односно една година пред добивање на лиценцата за работа на 11 уплатни места во Прилеп, Кривогаштани, Пласница, Крушево, Македонски Брод, Росоман, Демир Хисар биле организирани игра на среќа „Обложување на спортски натпревари“.

Потоа во текот на 2008 година, покрај уплатните места за кои е издадено соодветно Решени од Министерство за финансии биле отворени уште 5 уплатни места во кои се вршело „обложување на спортски натпревари“ без соодветно Решение за согласност од Министрството за финансии и тоа во Тризла 2, и во селата Црнилиште, Лажани, и Обршани, пак, во текот на 2009 година биле отворени уште 15 нови уплатни места каде се вршело „обложување на спортски натпревари“ без соодветна дозвола (Решение за согласност) од Министрството за финансии и тоа во: Прилеп, во селата Житоше, Црнилиште, Лажани, Десово, Ропотово, Тополчани, Коњари, Обршани, Слепче, Добрушево, како и во Дебар и во Кавадарци.

Покрај фактот што тие продолжиле да работат непречено и во 2010 година, без дозвола од надлежниот орган, поточно 13 уплатни места, таа година истекла важноста на гореспоменатите Лиценци за организирање и приредување посебна игра „Обложување на спортски натпревари“, а единствено останала во важност Лиценцата бр. 51-7229/1 од 14.12.2010 и Решение бр. 20-2914/1 од 01.02.2011 врз основа на Лиценца бр. 51-7229/1 за согласност за работа само на три уплатни места.

Сепак спротивно, на ова, „ДЕПО-КОРУ“ односно, обложувалниците „ДЕПОРТИВО“ непречено работеле заклучно до февруари 2012 година, односно во 2011 година, покрај легалните две уплатни места во Прилеп под Реонот „ПРИЛЕП – Депортиво“ непречено работеле 24 уплатни места без соодветните Решенија, а во 2012 заклучно со февруари таа година активни биле 12 уплатните места.

Исто така, иако „ДЕПО-КОРУ“ ДОО Скопје согласно горнаведените Лиценци имал одобрение да организира само посебна игра „Обложување спортски натпревари“, непречено биле организирани и електронски игри на среќа – Кено и Трки со кучиња од типот „ЦБЦ“ при што истите биле организирани непосредно преку Централата на „Депортиво“ од Скопје, почнувајќи од август 2007 година заклучно со февруари 2012 година. Првопријавениот во поголем број од уплатните места на обложувалниците „ДЕПОРТИВО“ за кои непосредно бил одговорен, преку засебен компјутерски систем организирал и приредувал и други електронски игри МЕГАЗБЕТ и НЕОСОФТ како Кено, Лаки, Трки со кучиња, Пакобет, Бинго и тоа од периодот од октомври 2010 до февруари 2012 година. Според документираните истражни сознанија во некои од објектите кои без лиценца работеле како спортски обложувалници од ДЕПОРТИВО З.П. поставил и покер – апарти, и тоа 27 кои што при претресите беа пронајдени и одземени.

Во текот на истрагата од прибраната документација и другите докази констатирано е дека дека по основ на нелегално организирање игри на среќа во објектите без лиценца пријавените се стекнале со противправна имотна корист од најмалку 95.286.518 денари, и тоа: првопријавениот со противправна имотна корист од најмалку 25.972.585 денари (од електронски игри Мегасбет, Неософт и од покер апарати), второпријавениот И.И. се стекнал со противправна имотна корист од најмалку 69.313.933 денари (од спортско обложување и електронски игри – ЦБЦ). Покрај ова, согласно законските одредби од Законот за игрите на среќа и забавните игри од јуни 2011 до 01.01.2012 година само по основ неплаќање на посебната давачка за 24 уплатни места како спортски обложувалници кои работеле без лиценца во вкупен износ од 14.400.000 денари оштетен е буџетот на РМ, а во корист на правното лице „ДЕПО-КОРУ“ ДОО Скопје.