На Плоштадот „Филип Втори“ официјално отворено Европското првенство во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години-СКОПЈЕ 2014, чиј домаќин е Кајакарската федерација на Македонија, а кое од 03 до 06 јули, се одржува на кајак патеката во Спортско рекреативниот центар Матка.
Официјалните тренинзи на гостинските реперзентации почнаа на 28 јуни и траеја до 2 јули, а од 3 до 6 јули (недела) кога и официјално ќе им бидат доделени наградите на најдобрите, натпреварите ќе почнуваат во 9 часот, а ќе завршуваат помеѓу 17 и 18 часот.
Натпреварите во машка конкуренција се распоредени во три категории К1, Ц1 и Ц2 додека во женска конкуренција во две категории К1 и Ц1. На Европското првенство ќе учествуваат вкупно 400 натпреварувачи од околу 30 земји, а македонската репрезентација има 7 натпреварувачи, меѓу кој 6 мажи и 1 девојче.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, им посака добредојде на сите учесници на ова Европско првенство и посочи дека овој спортски настан, Република Македонија и Скопје, ги сместува на мапата на држави и градови организатори и домаќини на светски спортски настани.
Позначајни спортисти-кајкари кои се дел од ова Европско првенство се Прскавец(Чешка) – актуелен Европски шампион, Брус Симон (Словенија) –Европски јуниорски првак во 2011 година, Џовани де Џенаро (Италија) третопласиран на ЕП и СП во 2013 год., Лука Бозиц (Словенија) третопласиран на Светскиот куп, второ коло во 2014 год. На годинешново Европско првенство во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години, наредните четири денови ќе се натпреваруваат кајакари од: Шведска, Полска, Белорусија, Хрватска, Бугарија, Грција, Литванија, Летонија, Русија, Македонија и многу други.
На официјалното отворање на ова Европско првенство во кајак, присутен беше и претседателот на Европската кајак федерација, Алберт Вудс, којшто ја искористи можноста да им се заблагодари на сите спортисти, тренери, судии, спортски работници, тимови и екипи, за нивното учество во ова првенство и им посакаа фер-плеј и добри резултати, а на крајот да победат најдобрите.