Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов се обрати на настанот во организација на Меѓународната организација на трудот на тема „Средина што го поддржува семејството преку подобрена заштита на мајчинството“
Во своето обраќање министерот Спасов рече дека темата е од исклучителна важност во промовирањето на семејните вредности, а уште повеќе за мајчинството како категорија која директно директно влијае врз нив.
Спасов истакна дека е свесен дека обезбедувањето на заштитата во однос на бремената жена, мајката-родилка и нејзиното дете се заеднички одговорности на институциите на системот, но според него тоа е и важно општествоно прашање во целина. Токму зата во март 2012 година, Собранието на Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за заштита на мајчинството на Меѓународната организација на трудот која ги утврдува минималните стандарди, а Република Македонија презеде чекор понатаму утврдувајќи дополнителни повисоки стандарди во однос на заштитата на мајката и детето.
Сите права во врска со породилното отсуство се уредуваат со Законот за работните односи, како права од работниот однос, а само висината на правото на надоместок за време на породилното отсуство е уредена со Законот за здравственото осигурување.
„Поаѓајќи од фактот дека основната заштита на жената е овозможена со породилното отсуство, сакам да истакнам дека истото кај нас изнесува 9 месеци и со тоа се вбројуваме во земјите коишто имаат отсуство со најдолго траење. Во овој контекст, минатата година воведовме ново, дополнително право на неплатено родителско отсуство, со кое е предвидено работничката да го користи по завршување на отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство, до три месеци, во периодот до навршување на три годишна возраст на детето заради грижа за детето, при што се обезбедува бесплатна здравствена заштита”, рече Спасов.
Во Република Македонија отсуството од работа поради бременост, раѓање и родителство, е период на платено отсуство од работа поради нега и одгледување на новородено дете. Заради поголема материјална заштита на жените во овој период, надоместокот на плата за време на породилното отсуство изнесува 100% од основицата на надоместокот на плата, кое претставува една од подолгите во светски рамки.
Големо значење се посветува и на заштитата на жените од дискриминација, вклучително и дискриминација поради бременост, раѓање и родителство што е регулирано со Законот за работните односи, а беа иницирани и неколку измени и дополнувања на Законот со кои се уреди дека на крајот на родителското отсуство работничката има право да се врати на истото работно место, или доколку тоа не е возможно, на соодветно работно место според условите од договорот за вработување.
Забраната на дискриминација се однесува и на пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос и откажувањето на договорот за вработување на работнички кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права коишто произлегуваат од раѓање и родителство. Па така, работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство. При вработување, утврдена е и забраната за барање доставување на други исправи и докази коишто не се во непосредна врска со работниот однос, кој вклучува и забрана за барање на тест за бременост или потврда за таков тест при склучување на договор за вработување со работничка, без оглед на работното место за кое се заснова работниот однос.
Работничката, ако сака, може да се врати на работа и пред истекот на отсуството, но не и пред 45 дена од денот на раѓање на детето и во тој случај има право и на надомест на плата за отсуство поради бременост и родителство, во висина од 50% од утврдениот износ на надоместокот за отсуството според прописите за здравствена заштита.
Дополнително, а во интерес на здравјето на детето, по враќањето на работа, мајката има право на платена пауза за доење во траење од еден и пол час дневно, во кое време се засметува и дневната пауза. Тоа право го има работничката до наполнета една година возраст на детето.
Заштита на здравјето на мајката и нејзиното дете е исто така суштинска цел која е законски осигурена и е обврска на работодавците за обезбедување на безбедни работни услови и е прецизно уредено со Правилникот за минималните барања за безбедност и здравје при работа на бремени работнички, работнички кои неодамна се породиле или дојат, кој беше донесен во 2011 година. Заштитата на мајчинството е колективна одговорност. Ова подразбира дека институциите на системот, синдикатите и работодавачите треба да работат заедно за унапредување на положбата на мајките на работното место.