Сцената на Античкиот театар е подготвена за големиот концерт, вечер на познатите арии од оперите „Дон Карло“, „Симон Боканегра“, „Бал под маски“, „Отело“, „Риголето“, „Травијата“ и „Моќта на судбината“ на големиот италијански композитор Џузепе Верди. Со концертот на големите италијански оперски ѕвезди – сопранистката Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи во сабота ќе стартува годинешното издание на најголемата музичко-сценска манифестација во земјава „Охридско лето“.
Фритоли и Нучи ќе ги придружуваат музичарите од Македонската филхармонија, која со овој концерт ќе прослави 70 години од постоењето, под диригентската палка на Аргентинецот Луис Горелик.
Атрактивната оперска дива Барбара Фритоли, сопран и еден од наjголемите баритони на денешницата Лео Нучи од Италија, денес попладне пристигнуваат на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ во Охрид.