Со спектакуларен настап на големите италијански ѕвезди, сопранот Барбара Фритоли и баритонот Лео Нучи вечерва на прекрасната сцена на Античкиот театар во Охрид беше отворено 54.издание на фестивалот „Охридско лето“.
Тие настапија заедно со диригентот Луис Горелик од Аргентина и Македонската филхармонија која со овој гала-концерт одбележа 7 децении од своето постоење. Фритоли и Нучи изведоа дел од познатите оперски арии на Верди, како што се „Дон Карло“, „Травијата“, „Моќта на судбината“ и други.
54-тото „Охридско лето“ за отворено го прогласи претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, покровител на фестивалот, кој рече дека музиката и уметноста ја облагородуваат душата.
„Секоја промена во светот, најпрво започнува во човековиот ум и во човековото срце.Вечерва сме тука, во нашиот древен Охрид, бидејќи веруваме во моќта на музиката и уметноста, да го промени и да го облагороди човекот, а со тоа и светот и векот во кој живееме. Како ретко кој човечки феномен, уметноста има способност да ја изрази вистината за човековата душа. Вистина која иако не се изговара, сепак не смее да се премолчи – дека од искона луѓето имале творечки дух кој им овозможува и кога се слаби да бидат силни, и кога се сиромашни да бидат богати, и кога се во пранги да бидат слободни“, истакна претседателот Иванов.
Музиката, рече претседателот Иванов, е второто име на слободата, а потсети и на јубилејот на Македонската филхармонија.
„Да се твори значи да се биде слободен, и да се биде слободен, значи да се твори. Пред речиси седум децении, на ден Илинден, се роди слободна АСНОМ-ска Македонија. Пред седум децении се роди и Македонската филхармонија. И како што АСНОМ го проби патот до слободата, Филхармонијата го отвори „Охридско лето“ како најзначаен коридор на уметноста“, додаде Иванов.
Како што нагласи Иванов, фестивалот „Охридско лето“ прерасна во современа уметничка Виа Игнација што одново ги поврза Охрид и Македонија со Европа и со светот.
Уметничката порака, годинава од обновената и покриена сцена на Антички театар ја испрати познатата македонска оперска певица Милка Ефтимова која нагласи дека македонските уметници, рамо до рамо застанувале на сцената на „Охридско лето“ и тие настапи ги сметале за огромна чест.
„Овој миг е навистина посебен за мене. Фестивалот „Охридско лето“ за нас, македонските уметници е особено драг, би рекла скапоцен. Тој отсекогаш претставуваше предизвик, мерило на нашите достигнувања, нашите критериуми, проверка на нашата уметничка зрелост.Настапот на овој фестивал отсекогаш го сметавме за посебна чест и се боревме, се докажувавме за да станеме дел од „Охридско лето“, да застанеме заедно со врвните светски имиња. Многумина од нас, токму на „Охридско лето“ му ги должат најубавите моменти од својата уметничка кариера. „Охридско лето“ е гордост на Македонија, врвен европски фестивал, кој во својата програма ги вклучува најквалитетните светски уметници, ансамбли, а со тоа градот Охрид претставува вистинска културна метропола. Со еден збор, фестивалот „Охридско лето“ ја вознесе Македонија ширум светот“, рече оперската певица Ефтимова која токму на „Охридско лето“ која во текот на изминатите над 50 години настапила 20 пати на фестивалската сцена.
Фестивалот „Охриско лето“ годинава ќе понуди четириесет незаборавни вечери за публиката, звучни музички имиња од светската сцена, но и врвни драмски креации на домашни и странски театри.