Утревечер на програмата на Охридско лето со почеток од 23:00 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид ќе се одржи претставување на новата театарска книга на Лилјана Мазова ,,Отворен круг“.
На претставувањето на книгата, која е во издание на издавачката куќа „Силсонс“, ќе говорат авторот Лилјана Мазова, директорката на Охридско лето Елизабета Јанкуловска и актерот Драган Спасов – Дац.
Лилјана Мазова, долгогодишен учесник и сведок на настаните во театарот во Македонија и во светот, низ содржината на „Отворен круг“ ни ја претставува својата меморија за театарот, а најмногу за оние кои се најблиску до публиката – актерите. Својот став за нив го раскажува како прозен запис и не ја крие приврзаноста и поврзаноста. Ја отвора меморијата низ настани кои излегуваат од нејзиниот „момински ковчег“ во кој се ставовите, случувањата или уште којзнае што од она што е автентичен автор, во македонската театарска меморија.
Навикнати да ги читаме нејзините рецензии за претставите, драмите, режисерите, актерите…, овој пат ни ја открива и поврзаноста со нив, она за што досега не пишувала. Отворена е кон творецот на кој му се обраќа, за нам, читателите, да ни стане се поблиско. Она што го „премолчила“, и сокрила во себе, еве го сега низ „играта“ со бројот 7 (седум). Читаме „приказни“ кои се од нејзината театарска приказна на пишувач, неуморен театарски критичар и истражувач. Низ страниците на „Отворен круг“ е прикажана нејзината верност и љубов кон театарот, и нејзинот став да го открие творецот и себе си, во заедничката „љубовна приказна“ – Театар.