Просечната оценка од државната матура оваа година е 3,11, истакна на денешната прес конференција министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми, кој додаде дека во јунскиот испитен рок за тестирањето се пријавиле 18.370 кандидати. 17.560 матуранти полагаа мајчин јазик и литература (македонски, албански, турски), а просечниот успех кој го постигнаа е 2,99.
„Просечните постигања по математика основно ниво изнесуваат 3,04, исто како и постигањата по предметот математика напредно ниво. И кај двата предмети имаме зголемување на бројот на пријавени кандидати. Математика основно ниво, оваа година полагаа 2354 кандидати, за разлика од минатата кога полагаа 2142 кандидати. Додека, математика напредно ниво оваа година полагаа 25 кандидати, за разлика од минатата кога полагаа 12 кандидати“, рече Адеми.
Странски јазик, односно англиски, француски, руски и германски полагаа вкупно 16.575 матуранти, а постигнатиот успех е 3,43. Просечната оценка по филозофија е 3,98, а овој предмет го полагале 4.801 матурант, додека естетика полагаа 150 кандидати и остварија просек од 3,82. Хемија како екстерен предмет од државната матура го избраа 365 кандидати и постигнаа просечен успех од 3,36. Биологија полагаа 3.106 кандидати кои постигнаа просек од 3,42. Просечната оценка на 131 кандидат кои полагаа физика е 3,68, просекот на матурантите кои беа тестирани по предметот историја е 2,99, овој предмет го избраа 2.657 кандидати.
„Оваа година за прв пат беше понуден и предметот бизнис, кој го полагаа 4.850 кандидати, што упатува на навистина голем интерес за оваа тематика“, истакна Адеми. Просечните постигања по овој предмет се 3,27.
Резултатите од екстерните испити од државната матура се истакнати на огласните табли во училиштата, а исто така достапни се и на веб страницата www.matura.gov.mk.
„Следната испитна сесија е во август, или поточно на 11 август се полага мајчин јазик и литература, на 13 август се полага странски јазик, на 14 август се полага математика, естетика и филозофија, додека на 16 август се полага биологија, хемија, физика, историја и бизнис“, рече Адеми.
Незадоволните кандидати имаат право на приговор кој треба да го достават до Државниот испитен центар на 16 и 17 јули.
Оваа година матурантите полагаа по новиот принцип за државна матура кој подразбира зголемен број на екстерни предмети, од два на три и проширена листа на изборни предмети со: биологија, хемија, физика, историја и бизнис.