Министерството за култура и оваа година дава значајна поддршка за претставување на нашите институции и поединци на фестивали, манифестации, гостувања и натпревари во странство со цел унапредување на македонското музичко творештво, како и промоција на македонската музичка уметност и македонските уметници низ светот …
Со поддршка од Министерството за култура, на 13, 15 и 16 септември 2014 година Македонската опера и балет со оперската претстава „Дон Џовани“ ќе учествува на 16. издание на „Меѓународниот фестивал на музика и игра“ кој ќе се одржи во културниот центар во Банкок, Тајланд. Исто така, во септември, во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура во Австрија“ по повод одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Макеоднија и Република Австрија, балетот при МОБ ќе ја изведе балетската претстава „14 часа“ по кореографија на Игор Киров и музика на Кирил Џајковски.
Во периодот од 24 до 28 септември оваа година, со поддршка на Министерството за култура, Студиото за модерни танци „Брејк а лег“ ќе ја претставува Република Македонија на Светското првенство во модерни танци 2014, кое ќе се одржи во Бохум, СР Германија. На првенството ќе учествуваат околу 40 земји од 5 континенти, а Македонија ќе биде претставувана од 30 танчари од „Брејк а лег“, кои и оваа година ќе имаат шанса да го повторат минатогодишниот пласман од Светското првенство во Данска каде што се пласираа во финалето.
Во октомври Оркестарот на Македонската филхармонија ќе реализира концерт во престижната концертна сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Концертот ќе биде дел од 40. издание на најстариот и најпрестижен музички циклус во Република Хрватска, „Свет на музиката“.
До крајот на годинава Сојузот на композиторите на Македонија ќе одржи концерт во холандскиот град Хилверсум, кој ќе се реализира во соработка со Факултетот за електро-акустична музика, а, исто така, Сојузот ќе реализира и концерт на современа македонска музика со австралиски исполнувачи во Мелбурн, Австралија.
Освен музичката дејност и творештво, Министерството за култура го поддржува и традиционалното творештво, фолклорот и фолклорните танци, кои се нераскинлив дел од македонската историја, идентитет и одлика на нашиот народ и држава. Единствениот национален ансамбл во Република Македонија, „Танец“, кој, несомнено, преставува симбол на македонскиот фолклор и традиција и амбасадор на културата на Република Македонија во светот, по успешниот настап на фестивалот „Summer solstice”, кој се одржа во Рига кон крајот на јуни во рамките на манифестацијата „Рига, европска престолнина на културата 2014“, со поддршка од Министерството за култура во периодот од 22 јули до 1 август ќе реализира концертна турнеја во Република Хрватска. Турнејата ги опфаќа Меѓугорје, Задар, Макарска и Загвозд, каде што ансамблот „Танец“ ќе одржи заеднички концерт со Националниот ансамбл на Република Србија „Ладо“.
Исто така, во изминатиот период нашиот фолклор беше презентиран од страна на нашите најистакнати ансамбли и културно-уметнички друштва, како: „Јонче Христовски“, „Орце Николов“, „Мирче Ацев“, „Стефче Стојковски“, „Јени Јол“ „Емин Дураку“ и др. на позначајни фолклорни фестивали во Словенија, Чешка, Италија, Турција и во Албанија.