Во врска со соопштението на ВМРО – Народна партија, реакција испрати Општина Охрид во која стои:
„Општина Охрид ги отфрла неаргументираните критики кои опозициските партии ги изнесуваат во јавноста преку пишани соопштенија испратени во јавните медиуми, а кои ги оценуваме како безуспешен обид да се лаже јавноста со изнесување небулозни тврдења, обиди за правење мистерија од една јавна и транспарентна постапка и користење на името на градоначалникот Никола Бакрачески со единствена цел – веста во која ќе е соопштението да добие поголем публицитет во јавноста.
Тврдењата дека некој намерно го пропаднал првиот јавен повик, за намерно да го обезвредни општинскиот имот е најблаго речено смешна, бидејќи општинскиот имот во Охрид е целосно обезвреднет, девалвиран, раскрчмен и ставен под хипотека како гаранција за непотребно земани кредити, токму во годините кога денешната опозиција владееше со Охрид, а дел од таа власт беше и ВМРО-НП.
Неразбирливи се критиките кои оваа партија ги упатува на новите услови кои ќе ги има Јавниот повик, бидејќи целата јавност знае дека токму заради катастрофалните политики на поранешната коалиција која владееше со Охрид до 2013 година општината е оптоварена со долг од над 34 милиони евра, на кој се плаќа дневна камата од околу 14 000 евра и во една таква апокалиптична наследена економска ситуација новата власт мора да бара решенија кои ќе обезбедат инвестиции во градот, а се со цел тој економски да заживее и да излезе од колапсот во кој поранешната локална владеачка коалиција го остави.
Дека опозициските партии критикуваат неаргументирано показател се и критиките кои на ваквите политики кои опозицијата го води на дневна основа, ги даваат видни членови на опозициски партии кои во јавните медиуми изнесуваат критики до своите матични партии за непостојаност и неконзистентност.
Локалната самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески ќе продолжат и понатаму, согласно сите законски прописи, максимално транспарентно и отчетно да работат, да носат одлуки кои се тешки, но се единствени можни решенија во затекнатата ситуација на финансиска катастрофа во која некој, изминатите години, ја доведе општината Охрид.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.