Измените на Законот за јавни набавки се во насока на дополнително подобрување на квалитетот, конкурентноста и транспарентноста на процесот на јавни набавки со што ќе се направат значителни заштеди во Буџетот, смета премиерот Никола Груевски.
„Владата на последната седница веќе ги разгледа измените и дополнувањата на Законот за јавни набавки и врз основа на досегашните искуства и детектирани слабости донесовме дополнителни промени со кои треба да се зголеми конкурентноста при јавните набавки и да се зголеми транспарентноста и да се направат заштеди во Буџетот“, изјави премиерот Груевски.
Тој појасни дека со измените се дава обврска на секој кој објавува јавен тендер да мора да внимава на тендерот да може да се квалификуваат односно да ги исполнуваат условите од тендерската документација најмалку пет домашни и пет странски понудувачи за услугите и производите доколку не се поднесува за производ за кој има само два-три производители во светот.
„Тоа ќе го цени Советот за јавни набавки во случај кога има помал број јавни понудувачи“, рече Груевски.
Со измените во Законот, нагласи, се врши некој вид притисок врз институциите да го зголемат обемот на конкурентност и да дадат можност на јавните тендери да конкурираат поголем број компании, вклучително и домашни.
„Со измените се допрецизираат и обврските на Советот за јавни набавки кој на тој начин станува сериозно и значајно тело преку кое планираме да оствариме дополнителни заштеди во Буџетот, бидејќи колку е поголема конкурентноста и колку повеќе компании доаѓаат да се натпреваруваат преку електронското јавно наддавање, толку поголема е шансата цената да падне“, нагласи Груевски.
Измени, како што рече, има и во делот на набавка на јавни билети со кои дополнително се олеснува работата и се внесуваат работи поврзани со интернетот и набавувањето авионски карти преку интернет заради нивно поевтино и побрзо набавување. Тој посочи дека со измените на Законот ќе се направат сериозни заштеди во буџетот, ќе се зголеми конкурентноста и со закон ќе се гарантира можност за поголем корпус на компании за да можат да учествуваат на јавните набавки.
„Со измените правиме одличен исчекор. Ние и без тоа сме лидери во поширокиот регион на полето на јавни набавки, а со измените уште повеќе ќе се зајакне таа позиција“, истакна Груевски.