Пет лица се исклучени од сообраќај, бидејќи управувале моторни возила под дејство на алкохол во акциска контрола што викендов во Охрид ја реализира полициска станица за безбедност во патниот сообраќај. Контролата на сообраќајната полиција се изведе во рамките на превентивниот проект „Летна кампања 2014“ при што беа контролирани 94 возила а 74 возачи беа алкотестирани. Полициските службеници поделија 50 едукативни флаери за младите возачи „Алкохол и волан-најлоша комбинација“ и 36 освежувачи како пригоден подарок за совесните возачи .
Целта на превентивната акциска контрола „Алкохол и волан-најлоша комбинација“ е зголемување на степенот на сообраќајна едукација и култура кај учесниците во сообраќајот и генерално зголемување на безбедноста во сообраќајот но и доследно почитување на одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Проектот „Летна кампања 2014“ со низа акциски контроли ќе продолжи да се реализира и во текот на идниот месец при што, пред се на младите возачи ќе им се поделат 50.000 едукативни флаери „Алкохол и волан – најлоша комбинација“.
Инаку, според статистичките согледувања и анализи на Министерството за внатрешни работи, најголемиот број тешки сообраќајни несреќи се случуваат во населените места во текот на овие два летни месеци, и во деновите петок и сабота кога младите се најактивни.
Во просек за периодот од осум години (од 2006 до 2013) година, во Република Македонија годишно во сообраќајни несреќи настрадале во просек по 157 лица. Во текот на минатата година се случила вкупно 4.236 сообраќајни незгоди со потешки последици а во 144 од нив возилото го управувале лица под дејство на алкохол.
За првите шест месеци од оваа година, во земјава се случиле 1.753 сообраќајни незгоди со фатални последици во кои загинале 64 лица, а преку 403 лица се здобиле со тешки телесни повреди додека пак 2028 лица се здобиле со телесни повреди. Од извршените сообраќајни контроли пак во овој шестмесечен период констатирано е дека во просек неделно над 200 возачи управуваат возило под дејство на алкохол.