Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска се сретна со диригентот Летка Полизова-Димовска и со дел од членовите на женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“, кој освои два златни и еден сребрен медал на Светските хорски игри во Рига, Летонија, што се одржаа од 9 до 19 јули.
„Да се освојат два златни и еден сребрен медал во конкуренција со 500 хорови од целиот свет, верувам дека и за нив многу значи, а пред се за нашата држава и култура“, потенцира Канческа-Милевска. Таа додаде дека како досега и во иднина ќе ги поддржуваат.
Според неа, треба да продолжат со хорско музицирање и да ја промовираат Република Македонија.
Диригентот Полизова-Димовска истакна дека учеството на хорската олимпијада е врв на сите досега постигнати резултати во историјата на хорската музика во Македонија.
„Се гордееме со тоа што ја исполнивме мисијата и довербата на Министерството за култура и на цела Македонија. Ние ова што го направивме не е успех на хорот „Света Злата Мегленска“, туку успех на Република Македонија“, рече Полизова-Димовска и додаде дека интензивно се подготвувале за хорската олимпијада во Рига.
Андријана Јаневска посочи дека седумчлена жири-комисија составена од врвни светски диригенти и музичари ги оценувала за интонација, квалитет на звук, општ артистички впечаток и доследност кон партитурата.
„Се натпреварувавме во три категории и во сите освоивме медали. Со тоа што веќе сме се квалификувале на хорската олимпијадата, тоа е огромен успех бидејќи тие што учествуваат и се повикани да се натпреваруваат веќе треба да се докажани светски хорови, со освоени златни медали и Гранпри награди“, рече Јаневска.
Најдобри резултати, како што рече, освоивме во световната категорија каде настапивме со композиции од наши македонски автори и во фолклорната категорија, каде настапивме исто така со македонски автори.
Сите композиции со кои настапиле биле проследени со кореографии, со свирење на невообичаени инструменти, како коси, чекани, ѕвонци…
Женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ постои од 1996 година и во моментов составот има 25 девојки. Хорот има многу настапи зад себе и освоено повеќе Гранпри награди, 11 златни, 8 сребрени медали…
Наскоро хорот заминува во Германија, каде од 1 до 3 август ќе одржи три концерти во различни градови.