„Танец“ на „Охридско лето“ – вистински подвижен историски музеј

Ансамблот на народни игри и песни „Танец“ од Скопје синоќа, уште еднаш пред публиката на Античкиот театар во Охрид покажа дека е вистински репрезент на македонската култура и традиција.

Програмскиот концепт на концертот се состоеше од македонски ора и песни кои синоќа имаше можност да ги видат и младите кои исто така беа дел од бројната публика на „Охридско лето“.

„Танец“ покажа уникатни носии со кои настапува како вистински подвижен историски музеј кои содржат уникатни народни везови врежани во потсвеста на Македонецот.

tanec2

Синоќешниот концерт на ансамблот на народни игри и песни „Танец“ беше јубилеен, и се организираше по повод 65-годишнината од неговото формирање.

 Како што истакна претседателот на Управниот одбор на фестивалот „Охридско лето“ Зоран Велјаноски-Летра, потпирајќи се на долгата и богата традиција, на  „Охридско лето“ низ полувековната историја се одбележале бројни јубилеји.

„Токму и вечерва, со овој концерт на  Антички, во рамките на Охридско лето,  „Танец“ одбележува 65 години богато фолклорно творештво. Како  институција која претставува културен амбасадор , „Танец“,  несебично ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот со над 5500 концерти низ целиот свет,“ рече Велјаноски-Летра, отварајќи го синоќешниот настан на „Охридско лето“

tanec4

Во соработка со фестивалот „Охридско лето“, концертот беше и хуманитарен. Двете национални установи ја помогнаа хуманитарната акција што охридските новинари ја покренаа за помош на дете од Охрид кое боледува од ретка болест и му е неопходно лекување во Кина.

„Охридско лето и „Танец“  вечерва се обединија не само по големината на институциите и по повеќе од полувеловното постоење туку и по хуманоста. Несебично ќе ја помогнат акцијата на новинарите за спас на 11-годишното момче од Охрид кое боледува од многу тешка  болест“, додаде Летра.

Посетителите на Античкиот театар својата хуманост ја покажаа со купување  ЦД од „Танец“, но и со вртење на еден до телефонските броеви што се отворени токму за собирање средства за оваа намена.

Официјално ансамблот е формиран во мај 1949 година, со цел да се создаде една институција која го одржува, негува, чува и збогатува македонскиот фолклор. „Танец“ има добиено бројни награди и признанија („11 Октомври“, „Климент Охридски“, „13 Ноември“, Орден на заслуги доделен од Претседателот на Република Македонија).

tanec-publika

Во биографијата  на оваа национална установа се запишани 5500 концерти низ целиот свет. Неговиот репертоар го сочинуваат игри и песни како што се: „Невестинско”, „Тешкото”, „Комитско”, „Чифте Чамче”, „Осоговка” и многу други бисери на македонското народно творештво.