Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески утрово беше во ненајавена посета во населбата „Лескајца“ со цел на лице место да утврди до каде се и како се одвиваат градежните активности за подигање на повеќенаменското спортско- рекреативно игралиште кои започнаа на почетокот од оваа работна недела.
Проектот кој го реализираат охридските јавни претпријатија во координација со Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид е согласно изборната програма на градоначалникот Бакрачески според која на овој потег беше планирана изградбата на вакво игралиште.
ЈП „Нискоградба“ извршува задачи околу тампонирањето на просторот, поставување на заштитните огради а ќе биде и задолжено околу одржување на детските реквизити и играчки кои по изградбата ќе бидат поставени во повеќе наменското спортско- рекреативно игралиште. ЈП “Градски гробишта“ е задолжено за поплочување и поставување на бехатон на теренот и на пристапните патеки кои водат до игралиштето како и поставување на ивичници за обележување на уредениот простор. ЈП „Охридски комуналец“ има должност да го исчисти целиот потег околу повеќенаменското игралиште и хорти културно да го уреди паркот кој е замислен да се гради во рамките на проектот. Асфалтирањето на теренот ќе го врши градежната фирма “Илинден“ од Струга.
Градежните активности за подигање на повеќенаменското спортско –рекреативно игралиште се одвиваат со забрзан интензитет и се очекува наскоро проектот да биде готов по што игралиштето ќе биде ставено во употреба.