На 27 -ми јули, во НУ Центар за култура Григор Прличев – Охрид, со почеток во 21.00 часот, свечено ќе биде отворена изложбата СТАВ, на дипломски проекти на генерацијата запишана 2006 г. на Архитектонски Факултет – Скопје.
Изложбата од 28.07 до 10.08 ќе продолжи да биде изложена во кафебаровите Шила и Ликвид, со што како што велат организаторите се овозможува едно попосредно проследување на истата, со кафе и разговори со пријателите. По успешната презентација во Скопје и Прилеп, Охрид е третиот град каде што продожлува изложбата.
СТАВ е изложба на дипломски проекти на генерацијата запишана 2006 година на Архитектонски Факултет – Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Изложба на една поинаква визија за архитектурата.
„На оваа изложба сакаме да ги промовираме нашите проекти кои имаат еден свеж и зрел став кон архитектурата, кои покажуваат една нова визија за иднината на нашата архитектура. Оваа иницијатива покажува дека има многу проекти кои остануваат неизведени, а имаат големи архитектонски квалитети. Затоа сакаме тие да не останат невидени и да бидат инспирација за сегашните и идните архитекти.
Нашата генерација има дипломски проекти од различен карактер и за различна намена и гледајќи ги оценките со кои беа оценети од Архитектонскиот факултет слободно можеме да кажеме дека ви прикажуваме многу квалитетни проекти и дека од оваа генерација ќе има голем број успешни архитекти. Затоа сакаме крајот на ова патување наречено факултет да го затвориме со една изложба каде покрај нашите професори ќе може и јавноста да ја види нашата креативност. Да види што можат да очекуваат од нас во иднина и каква архитектура сакаме ние да има. Меѓу проектите ќе видите културни центри, винарии, реадаптации на напуштени индустриски објекти, планетариуми, урбанистички проекти, проекти за заживување на македонските села, нови градски центри, хотели, облакодери и многу други архитектонски и урбанистички проекти. Се со цел да покажеме една разновидност и еден наш став за различните сфери во архитектурата.
Оваа изложба ја нарековме СТАВ, кованица која произлегува од Студентска архитектонска визија. Преку неа сакаме да го покажеме нашиот став кон архитектурата, нашата визија која ја имаме за архитектурата и да ги покажеме овие проекти кои се веројатно најискрените проекти кои некогаш ќе ги направиме и кои ја покажуваат нашата креативност бидејќи се веројатно последните проекти кои ќе ги работиме без инвеститор. Ова се проекти од нас за сите нас. Оваа наша визија се надеваме дека наскоро ќе стане реалност во нашата земја. Нашите проекти нескромно можеме да ги споредиме и со светските трендови во архитектурата и со тоа да докажеме дека ние сме инспирирани од целиот свет и нажите погледи кон архитектурата одат многу подалеку.“– велат од Организационен одбор СТАВ.
Покровител на оваа изложба е Асоцијацијата на Архитекти на Македонија (ААМ).