По 11-ти пат Куратица ќе биде центар на зближување на своите иселеници, манифестација која традиционално се одржува во летниот период од годината, кога голем број нашинци доаѓаат од странство во родното огниште, кај своите најблиски.
Месната заедница од селото Куратица како организатор на оваа манифестација и оваа година на сите курајчани кои живеат во самото село, на иселениците низ целата Република како и на нашите гости и иселеници по Европа, Америка, Австралија и светот, кои годишните одмори ги поминуваат во својот роден крај на овој единствен начин скоро една деценија им овозможува да уживаат во меѓусебните средби и заедничко дружење.
„Како што е и вообичаено и во склад со традицијата, Курајчки средби се организираат во Куратица на “Средсело”, при што и оваа година за гостите е подготвена богата гастрономска, културна и музичка програма. Според досегашните резервации се очекува да биде најмасовниот собир на иселеници откако се организира оваа манифестација. Добредојдени се буквално сите и кои не потекнуваат од Куратица а сакаат да бидат дел од оваа манифестација.“- велат од МЗ Куратица.
Главниот музички настан е збогатен со гостувањето на македонската музичка група „КИСМИ“, а почетокот е денес, сабота (26 јули) од 20:00 часот.