Вчеравечер во Старата чаршија во Охрид, градоначалникот Никола Бакрачески приреди ифтарска вечера за сограѓаните од муслиманска вероисповед. На вечерата покрај многубројните граѓани присутни беа и првите луѓе на муфтиството, дел од директорите на јавните претпријатија, како и пратеникот Сашо Василески.
Во договор со Муфтиството на ИВЗ од Охрид вечерата беше на отворено, а маси и столови беа поставени пред четири охридски ресторани кои се во сопственост на наши сограѓани од исламска вероисповест. Ифтарот помина во големо расположение, пријатна атмосфера и задоволство на сите присутни од сите вери и нации.
На вечерата присуствуваа околу 300 граѓани, меѓу кои имаше и православни, а не изостанаа и туристи од странство кои едноставно се приклучија на заедничката вечера.