„Сиот свет е театарска сцена, а луѓето се ништо повеќе од актери: влегуваат на сцена, па излегуваат, и секој еден во животот ќе одглуми многу улоги“
—Како што милувате, Чин 2, Сцена 7, 139-42.
Не глумеа, туку ги попримија карактерите на ликовите во драмата „Како што милувате“. Актерите од Одделот за драма и танц БИТОМ од Полска, во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“ синоќа ја донесоа една од најголемите шекспирови комедии „Како што милувате“.
Публиката го насочи вниманието кон едно време на сплетки, закани, прогонства, интересни комични дејства, но сепак на крајот се увери дека љубовта е таа што победува.
Театарската претстава ја одиграа мошне талентирани актери кои истовремено се и танчери, а специфичното за овој проект, освен примената на таканаречената „Александар“ техника преку која актерите влегуваа во карактерите на ликовите, беше и тоа што сите учесници на сцената беа од машки пол, а ги играа и женските улоги.
Англискиот режисер Брајан Мајклс кој има режирано многу претстави од Шекспир во различни земји е задоволен од театарската игра на младите полски актери со кои, како што рече, ја подготвувале претставата во текот на последните два месеца од изминатата година.
Режисерот работел со секој од актерите посебно, согледувајќи кои движења и карактерни особини на ликовите одговараат за секој од нив.
„Оваа претстава беше одлично прифатена и од страна на публиката во Полска. Ние не глумиме, ние влегуваме во карактерите на самите ликови“, велат талентираните млади актери кои синоќа ја одиграа претставата „Како што милувате“ пред публиката на „Охридско лето“.