Публика од Охрид, од внатрешноста на Македонија, како и специјални гости од странство синоќа дојдоа да го проследат неповторливиот настап на хрватскиот пијанист и кросовер музичар Максим Мрвица на Античкиот театар.
Мрвица не остана рамнодушен на сцената на Античкиот театар, која, како што рече, е доказ за историјата и за античкото минато на градот, но и многубројната публика со нескриена возбуда го проследи овој настан кој ќе остане долго запаметен како еден од најатрактивните на годинешното 54.издание на фестивалот „Охридско лето“.
Светски познатиот уметник кој светската слава ја стекнува уште на 11-годишна возраст подеднакво ги „почести“ и помладите, но и повозрасните присутни на синоќешниот спектакуларен концерт.
Маестралниот пијанист вчера одржа и прес-конференција пред неговиот настап, и како што рече, во душата се чувствува како класичар, но отсекогаш сакал да експериментира со музиката.
Зад него стојат бројни настапи во Европа и светот, но засега, неговата најбројна публика е во Азија каде што и најчесто настапува и каде бележи најголем тираж на неговите 10 албума.