Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод големиот муслимански празник – Рамазан-бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија, реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи, до членовите на Ријасетот на ИВЗ и до сите припадници на исламската вероисповед во Република Македонија.
„Почитуван реис-ул-улема ефенди Сулејман Реџепи,
Дозволете ми во мое, лично, име и во името на граѓаните на Република Македонија, Вам, на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани, припадници на исламската вероисповед во земјава, да Ви го честитам празникот Рамазан-бајрам и завршувањето на рамазанските пости.
На сите верници од исламска вероисповед им посакувам овие денови на празнување да ги минат исполнети со добрина, милосрдие, разбирање и љубов, вредности кои ги зближуваат и ги поврзуваат и луѓето и религиите. Убеден сум дека сите заедно ќе продолжиме да ги унапредуваме меѓусебните односи и меѓусебното разбирање, градејќи благородни дела. Токму затоа традицијата, години наназад, говори за заемната меѓусебна почит и за солидарноста, независно од верската и етничката припадност како завет за идните млади генерации.
Заемното почитување и славењето на празниците на различните верски заедници во земјава се столб на соработка и соживот. Тие се поттик за меѓусебно почитување и разбирање, вредности кон кои се стремиме, но и заеднички треба да ги негуваме.
Честитајќи го големиот исламски празник Рамазан-бајрам, Ви посакувам пријатни празнични денови исполнети со мир и благосостојба.“– стои во честитката од претседателот Иванов.