Премиерот Никола Груевски упати честитка до сите граѓани од муслиманска вероисповед по повод празникот Рамазан Бајрам. Во честитиката стои:
„Почитуван Поглавар на Исламската верска заедница во Република Македонија, господин Реис Ул Улема, Хаџи Сулејман Ефенди Реџепи,
Чест ми е, Вам лично, на членовите на Ријасетот и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од име на Владата на Република Македонија, да Ви го честитам големиот верски празник Рамазан Бајрам.
Ова се денови од неизмерно големо значење за Вашата заедница и духовна посветеност. Честитајќи Ви го празникот, Ви посакувам и сите други месеци од годината да ви бидат исполнети со вредностите и благодетите на најблагородниот и најсреќниот месец за Вас, месецот Рамазан. Вербата во Бога да нè води кон вистинскиот пат и постојано меѓу луѓето да владее слога и почитување без разлика на религиската, верската, или каква било друга определба.
Да ги искористиме религиите и верските учења за убави нешта, за продолжување на столетната традиција на пријателство, единство и хармонија, како основа за забрзан економски, културен и сеопшт развој на Република Македонија. Тоа е единствениот пат кој води кон подобар животот на нашите граѓани, во секој дел на државата, во секое поле и од секаков аспект. Ние силно работиме на оваа агенда и уверен сум дека заеднички ќе продолжиме да чекориме по истиот пат.
Ви посакувам убави празнични денови, многу радост, среќа, здравје и спокој во секое Ваше семејство.
Нека Ви е честит големиот муслимански празник. Честит Рамазан Бајрам !“, стои во честитката.