Објавен е конкурс за стипендирање на 20 лица кои би оделе на додипломски или на постдипломски студии во различни светски универзитети за изучување на старотурскиот јазик. Во Македонија има сериозен недостиг на луѓе кои го познаваат старотурскиот јазик кој е мешавина и од арапскиот и персискиот јазик.
Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски, кој рече дека само неколкумина во Македонија се преостанати кои го познаваат овој јазик, некои велат само двајца и тоа во повозрасни години кои одлично го познаваат јазикот и може да бидат користени за преводи.
Идејата, посочи премиерот, тргна од таму дека во Македонија постои голема количина на неистражени архивски материјали напишани на старотурски јазик од тој период, од османлискиот период кои не се преведени, не се анализирани, не се обработени.
„Тие се потенцијал за македонската историска наука меѓутоа не можат да бидат искористени затоа што во државата нема преведувачи на тој јазик. Оттука тргна идејата да се даде стипендија на поголем број такви стипендисти кои освен големата архивска граѓа која постои веќе во Македонија ќе може да истражуваат и во архивите на други држави, на пример во архивите на Турција,“ рече Груевски по промоцијата на новите дела кои се надоврзуваат на основниот капитален проект „130 тома македонска книжевност“.
Потенцира дека уште одамна разговарал со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, кој дава целосна поддршка да се испратат луѓе кои на подолг период ќе престојуваат и ќе истражуваат во нивните архиви и потоа ќе се печатат книги, дела историски и ќе се промовираат во Република Македонија.
„Значи имаме и големо количество дела и материјали донесени во Македонија, неистражени, непрочитани и многу повеќе кои воопшто не се отворени, а се наоѓаат во архивите на други држави. Се работи за еден период кој не е доволно истражен од причина што немаме доволен број вакви преведувачи и познавачи на старотурскиот јазик“, истакна Груевски.
Значајно за овој проект, нагласи, е што сите овие лица имаат однапред загарантирано вработување во една од трите институции каде може да бидат користени со познавање на старотурскиот јазик, а тоа е Државниот архив, Институтот за национална историја или Македонската академија на науките и уметностите.
„ Во една од овие три институции тие лица ќе бидат вработени веднаш по завршувањето или на додипломските или на постдипломските студии, зависно на што ќе се определат. Мислам дека тоа е една атрактивна понуда за секој оној кој прво има афинитет кон оваа работа и второ кој е невработен. Ова е одлична шанса по завршувањето на овие студии ретко кој има загарантирано вработување“, додаде премиерот Груевски.
Конкурсот за овие стипендии е објавен на интернет страницата на МОН и е активен до 15 август, но доколку има потреба рокот ќе биде и продолжен. За академската 2014/2015 година ќе бидат доделени 20 целосни стипендии, кои подразбираат покривање на трошоците за уписнина, месечен париченнадоместок и трошоците за авионски билет.
Кандидатите за стипендирање на додипломските и постдипломските студии за изучување настаротурскиот јазик треба да се примени на студии од прв циклус,односно од втор циклус, за прв пат во прва година во академската2014/2015 година, на некој од универзитети каде овој јазик се изучува.
Оние кои ќе добијат стипендија истите се обврзуваат да работат најмалку 10 години во Република Македонија по завршување на студиите, за што државата им гарантира соодветно работно место во ДржавниотАрхив на Република Македонија, Институтот за национална историја, Македонската академија на науки и уметности или друга соодветна институција.
Сите средношколци и дипломирани студенти кои ги исполнуваат условите можат да аплицираат и да ја искористат оваа можност и да аплицираат.