Охридската публика се потсети на делата од Зографски

„Суита за пијано“, „Песна за виолина“, „Песни за Јакшини“, „Рапсодија за виолина и пијано“, „Инвенција“, „Црешов цвет“ и „Cantogas“ беа композициите од истакнатиот македонски композитор Томислав Зографски што беа изведени синоќа на „Охридско лето“.

Дел од творечкиот опус на основоположникот на македонската композиторска школа го изведоа истакнати уметници, но и помладата генерација изведувачи, по повод 80-годишнината од неговото раѓање.

Заложбите на фестивалот „Охридско лето“ одат дотаму што композициите од македонските автори, се изведуваат не само од страна на македонски изведувачи и оркестри, туку и од странски ансамбли и уметници. Доказ за ова ќе биде и концертот на 19-ти август кога гостувањето на Шен Жен симфонискиот оркестар од Кина ќе изведе дело токму од нашиот почитуван композитор, професорот Томислав Зографски“– вели селекторката на музичката програмана фестивалот Гордана Јосифова-Неделковска.

Зографски е еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика кој целиот свој живот го посветил на едукацијата на студентите на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а ја збогатил македонската музика со повеќе од 160 дела од сите музички жанрови.

Во негова чест постои и фондацијата „Томислав Зографски“ чија претседателка, Панда Зографска, вчера на директорката на фестивалот „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска и врачи Повелба со што фестивалот стана почесен член на оваа фондација.

„Фондацијата „Зографски“ ни дава поддршка за фестивалот да оди се погоре и погоре. Како што е веќе познато, во текот на последните години, „Охридско лето“ свечено с еотвора и се затвора токму со химната што ја напиша овој наш истакнат композитор, Томислав Зографски“ – вели Јанкуловска.

Концертот беше пренесуван во живо преку интеренет, со цел, оние кои не успеаја да бидат во акустичната црква „Света Софија“ да можат да уживаат во извонредните композиции што ги остави зад себе Зографски.