Македонија поразена од Израел 56-72

Фаворитот Израел го осигура првото место во квалификациската група на Евробаскетот со триумфот над нашиот состав пред полните трибини во Рамла. И покрај тоа што три четвртини нашите репрезентативки играа тесен и неизвесен натпревар со силниот противник, израелките со одлична реализација од поле на крајот успеаја да стигнат и до убедлив триумф.

Уште од почетокот на натпреварот, се беше во знак на Криси Гивенс во нападот на нашата репрезентација. Гивенс постигна 10 од првите 12 поени за Македонија и нашиот состав пред крајот на првата четвртина дојде и до највисока предност од 19-12. Сепак, на почетокот на вториот период, Израелките заиграа многу подобро во напад и предводени од ударното трио Феишер-Левитски-Дорон, направија серија од 14-2 за пресврт. Слабо функционираше шутот од далечина на нашите репрезентативки во таа втора четвртина, додека комплетно спротивна беше ситуацијата на другата страна и Израел со шут од поле од преку 80% само во тој втор период, замина на полувреме со водство од 40-31. Нашите центри добро се снаоѓаа со реномираните противнички во рекетите на двете страни, но поголемиот број на загубени топки беа главна причина за негативата на паузата.

Славица Димовска со тројка го отвори второто полувреме, но и покрај тоа што нашиот тим ја зацврсти одбраната, претстоеше и период од цели шест минути каде Македонија постигна само уште два поени. Израел поведе со највисоки дотогаш 48-36, но следуваше уште една тројка на Димовска, за враќање на едноцифрената негатива. И во моментот кога нашите кошаркарки се доближија на 49-43, Димовска направи брзи два прекршоци по ред, по што мораше рано, уште во третата четвртина, поради пет лични грешки да го заврши натпреварот. Македонија направи дури 10 прекршоци само во таа трета четвртина, а Израел со добра реализација на слободните фрлања, ја заврши четвртината со предност од 55-45. Последниот период почна со серија од 9-0 на Израел предводена од Дорон, домашната репрезентација поведе со 64-45, што веќе беше превисока разлика. И покрај обидите на нашите репрезентативки во завршницата повторно да фатат резултатски приклучок, Израел знаеше како да ја задржи предноста и со конечниот триумф од 72-56 го осигура првото место во силната квалификациска група.

Криси Гивенс со дабл-дабл од 25 поени и 11 скокови, на кои додаде и 5 асистенции беше најдобар поединец во нашиот тим, во кој двоцифрена според бројот на поените беше и Славица Димовска со 11 поени. Во листата на стрелци се запишаа и Раденковиќ (6), Митрашиновиќ (5), Гаврилоска (3), Тантуровска (2), Иванова (2) и Јоловиќ (2). Кај Израел, најдобра беше високата Феишер со 17 поени и 17 скокови.

Со овој пораз, нашата репрезентација ги загуби шансите за пласман на првото место на табелата во групата кое значи продолжување на квалификациите за Евробаскетот, а утре од 19.45 ќе се сретне со Германија во последниот меч од турнирот и во директна борба за второто место. И покрај тоа што нашите девојки ги загубија шансите, останува впечатокот за одличната пожртвувана и борбена тимска игра, истата која го донесе и големиот триумф над Португалија во првата средба.