Нови дела кои се надоврзуваат на основниот капитален проект „130 тома македонска книжевност“ беа промовирани денеска во објектот Порта Македонија. Станува збор за пет нови тома на македонски и на англиски јазик кои прикажуваат една важна творечка етапа од македонската културна историја длабоко поврзана со македонската национална мисла, како и 25 наслови на дела на албански и турски автори кои се дел од едицијата „130 тома македонска книжевност“ и кои сега се достапни и на македонски јазик.
На промоцијата присуствуваше премиерот Никола Груевски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, директорот на НУБ „Св.Климент Охридски“, Иван Заров, академици, писатели, преведувачи и лектори.
Премиерот Груевски во обраќањето пред присутните рече дека проектот „130 тома македонска книжевност“ почнал со своја реализација уште во 2007 година, во него беа вклучени голем број составувачи, редактори, приредувачи, академци, професори, научни работници, писатели, критичари и есеисти.
„Веќе во 2008 година започнаа и првие промоции, а во 2009 година главнината од овој грандиозен проект и основната замисла беше реализирана. Беа објавени дела на околу 200 писатели напишани на македонски, албански, турски, ромски и влашки јазик,“ истакна Груевски.
Со тоа, како што додаде, се создаде една панорама на македонска литература и вистински репрезент на нашите книжевни вредности создавани од самите почетоци на нашата книжевна репродукција преку просветителството па се до најзначајните дела на современата македонска литература.
После ваквото заокружување на првично замислениот проект, нагласи премиерот, се пристапи на преведување на едиција на англиски јазик, по што во 2011 година овој скапоцен артефакт на македонската книжевна историја стана достапен и на англиски јазик и поблиску до светската читателска јавност.
„Со едицијата „Македонска книжевност“ ја оставивме подотворена вратата низ која денеска поминуваат уште пет нови томови и тоа дела: „Крајните потези“ од Санде Стојчевски, „Век за самување“ од Веле Смилевски, „Огледало на вековите“ од Раде Силјан, „Оган во обрачи“ од Бранко Цветкоски и „Македонските литературни пројави од Лозарството до Другарството“ од авторот Блаже Ристовски во кое се опфатени творбите на повеќе наши истакнати дејци, публицисти, собирачи и проучувачи на македонското народно творештво, општественици, револуционери и афирматори на македонската национална мисла“, рече Груевски.
Сите овие дела, посочи премиерот, претставуваат значајно богатство во македонската културна и книжевна ризница и стануваат дел од овој проект.
„Покрај нивната промоција денеска беа промовирани и преводите на македонски јазик од 25 дела на албански и турски јазик кои беа дел од овој проект, а кои се напишани од врвни автори, писатели и научници од ова поднебје. Со ваквиот превод всушност градиме мостови меѓу јазичните бариери и помагаме семето на знаење и убавата мисла да биде расеано низ повеќе агли на нашата прекрасна земја,“ додаде премиерот Груевски.
Директорот на НУБ „Свети Климент Охридски“ Иван Заров, меѓудругото истакна дека денешната промоција е причина за двојна радост и гордост најнапред заради континуитетот на капиталниот проект „Македонска книжевност“ со нови пет дела и особено важно споделувањето на културите и уметничките дострели на албанската и турската книжевност во Македонија врз кои се потпира македонскиот мултикултурализам во духвниот дијалог на сите негови партиципиенти.
„Културата, книжевноста и јазиците на нашите сонародници кои творат на албански и турски јазик е онтолошката нишка која сите нас овде не облагородува и ја прави Македонија она што таа отсекогаш и била: неразделен и општ духовен простор на различни култури, религии и јазици преку кои се осмислува и сублимира нашето заедничко цивилизациско патување низ времето“, рече Заров.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во обраќањето рече дека овој зафат несомнено овозможува приближување и интегрирање на македонскиот културен и јазичен простор и е значителен исчекор во меѓусебното проткајување на спецификите на современото творештво на сите заедници што живеат во Република Македонија.
„Новите пет тома претставуваат иманентно заокружување на оваа значајна едиција, која на читателите и љубителите на пишаниот збор, но, и на проучувачите и истражувачите на македонската книжевност, им овозможува темелен увид во богатото и слоевито македонско книжевно творештво. Томот насловен како „Македонски литературни пројави“, приреден од академик Блаже Ристовски, содржи избрани дела од Ѓорѓија Пулевски, Марко Цепенков, Петар Поп Арсов, Војдан Чернодрински, Марко Григоров Брадин, Димитрија Чуповски и Крсте Мисирков кои ја афирмираат македонската национална мисла и периодот кога нашите национални дејци ја прогласуваат идејата за македонска држава со македонски јазик, литература и култура“, рече Канческа-Милевска.
Другите четири томови, посочи министерката, претставуваат избори од поетското творештво на четворица истакнати македонски автори: Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Раде Силјан и Бранко Цветкоски кои заедно со Ефтим Клетников, Катица Ќулавкова, Милош Линдро, Вера Чејковска и неколкумина други поети, се носители на новите тенденции во македонската книжевност во седумдесетите години.
„Вториот проект, преводот на македонски јазик на 25 книги на албански и турски автори, кои се родиле, живееле, твореле и денеска активно придонесуваат во збогатувањето на книжевниот мозаик на Република Македонија, овозможува македонската читателска публика посеопфатно да се запознае со спецификите и високите книжевни вредности на врвните автори како што се Мурат Исаку, Луан Старова, Ресул Шабани, Адем Гајтани, Нехас Сопај, Халил Зендели, академик Али Алиу, Фахри Каја, Илхами Емин и многу други,“ истакна Канческа-Милевска.
Преку критичко-есеистичките текстови објавени во вид на предговори на делата, укажа министерката, читателите ќе имаат можност покрај општите информации за авторите, да ги спознаат и естетските и тематските пораки на нивните литературни дела, а исто така преку преводите ќе се профилираат и повеќемина преведувачи кои творештвото на албанските и турските писатели во минатите години во континуитет го претставуваа пред македонските читатели.
„Високите книжевно-естетски вредности на делата од сите жанрови кои се опфатени во оваа едиција веќе добија и меѓународна потврда преку дистрибуцијата и промоцијата на комплементарниот издавачки проект – Превод на едицијата „Македонска книжевност“ на англиски јазик во преку 300 библиотеки и научно-образовните институции низ целиот свет. Овој проект е целосно реализиран, а интензивно работиме и на следната фаза, антологиски приказ на оваа едиција во осум тома на шест светски јазици оформени според жанровски принцип кои треба да бидат завршени до 2016 година,“ рече Канческа-Милевска.
Ова, додаде министерката, е само еден од проектите кои во изминатиот период се реализираа со поддршка на Владата и Министерството за култура и со кои потврдивме дека сме една од ретките земји во светот која со исклучително внимание ја поддржува издавачката и литературната дејност.
На промоцијата се обратија и писателите Илхами Емин и Џабир Ахмети.