„Охридско лето“ синоќа во знакот на барокната музика

Дела од познати и помалку познати композитори изведе синоќа на „Охридско лето“, камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија.

Програмата се одвиваше под диригентската палка на маестро Емилио Перцан за кого највозбудлив дел е последниот стадиум од италијанската барокна музика што ја диригирал и свирел претходно и со други ансамбли надвор од Македонија.

За него, соработката со „Охридско лето“ е мошне важна, а последниот негов настап на овој фестивал беше во 2007 година со неговиот музички состав од Германија.

Оркестарот на Музичката младина на Македонија настапува по 29-ти пат на „Охридско лето“.Програмата што ја изведе синоќа, според претседателот на оваа организација, Александар Герасимовски, ќе биде репризирана и во Скопје.

„Зошто сме тука веќе 29-години? „Охридско лето“ верува во овој оркестар и во нашата организација и затоа сме тука толку долго. Догодина, кога ќе одбележиме три децении од нашите настапи на фестивалот, ќе и приредиме незаборавна програма за публиката“ велиГерасимовски.

Синоќешниот концерт, како и оној претходно кога се изведуваа дела од творечкиот опус на македонскиот композитор Томислав Зографски беа изведувани во живо, преку интернет.

Оваа новина, според директорката на фестивалот „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска, беше воведена пред три години и се покажа како повеќе од неопходна.

„Првата година го најавивме како новитет со кој сакавме да воведеме нови содржини, следната година имавме за цел лајв-стримингот да стане традиција а веќе оваа година гледаме дека ваквите преноси се повеќе од потреба. И покрај тоа што Охрид годинава бележи слаба посетеност, на наше огромно задоволство имаме преполни гледалишта како за музичкиот така и за драмскиот дел од програмата. Тоа секако се должи на атрактивната и квалитетна програма која ја нудиме и јас искрено верувам дека годинава ќе ја запишеме како една од најуспешните“- смета директорката на оваа национална установа Јанкуловска.