Учениците кои нема да се јават на екстерно тестирање и отсуството не го оправдале со медицинска белешка или потврда за учество на државен или меѓународен натпревар, ќе имаат оценка недоволен (1) во свидетелство, која е преодна и ќе влијае на нивниот општ успех.
Тоа е предвидено со измените и дополнувањата на Законот за основно образование, што ги изгласа Собранието на Република Македонија на продолжението на 11. седница.
„За учениците кои не се јавуваат на екстерно некои училишта не даваат свидетелства а некои ја регистрираат како недоволна. Сега со законска обврска ќе има унификација за сите училишта да ставаат недоволна оценка со влијание на општиот успех. Ако нема влијание на општиот успех ќе може учениците намерно да не се јавуават на екстерната проверка на знаењето“, рече министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми.
Извештајот со резултати од спроведеното екстерно проверување на постигањата на успехот на учениците, Државниот испитен центар го објавува на својата и на веб страницата на Министерството во втората недела на септември во тековната година. По исклучок, доколку во периодот кога се објавува извештајот од овој став се одржуваат избори за претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, односно за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје и за избор на градоначалник на општина и градоначалник на град Скопје, извештајот се објавува првиот нареден ден по завршување на изборите. Согласно тие одредби ќе се носат и решенијата за зголемување, односно за намалување на платите на наставниците.
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ, законските измени се во насока на унапредување на екстерното тестирање на учениците.
Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека електронското екстерно тестирање е за објективност во оценувањето на учениците. Со законските измени, според Ласовска, ќе се избегнат обидите за неоправдано отсуство, и се дефинираат одговорностите на сите што се вклучени во екстерната проверка на знаењата.
„Во Македонија има околу 500 основни и средни училишта и од лично искуство знам дека во тек на екстерното има различни одговороности кај комисиите за екстерното. Ова законско решение значително ќе делува кон зголемување на одговорноста и спроведување на сите неопходни процедури“, наведе Ласовска.
Рамиз Мерко од ДУИ укажа дека со законските измени Министерството за образование и наука создава подобри можности во образованието. – Сите наставници кои ќе покажат успех во работењето ќе бидат наградени односно ќе им се зголемат платите, а на оние кои ќе имаат слаби резултати ќе им се намали платата, наведе Мерко.
Собранието ги изгласа и измените и дополнувањата на законите за средно и за високо образование и за социјална заштита.
Со измените на Законот за социјална заштита, како што информира заменик-министерот за труд и социјална политика Ибраим Ибраими, се воведува основ за донесување програма на Владата на Република Македонија за располагање со имотот кој центарот за социјална работа го стекнал по основ на склучен договор за доживотно издржување. Се создава можност за полесно и побрзо вработување на корисниците на правото на социјална парична помош, со нивно мотивирање за активно вклучување на пазарот на трудот. Потребно е невработените да се лица кои активно бараат работа за да може да го остварат и користат правото на социјална парична помош. Се прецизира постапката за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице, се зајакнува улогата на стручниот работник преку воведување на задолжителен увид во домот со цел утврдување на основаноста на барањето, се воведува бартелов индекс како начин за утврдување на функционалноста на здравствената состојба на подносителот на барањето за остварување на правото на паричен надоместок за помош и нега од друго лице.
За потребата за помош и нега од друго лице се доставува конзилијарно мислење и наод од најмалку тројца лекари специјалисти од соодветни специјалности, издадено од клиничките болници: Градска општа болница „8-ми Септември“-Скопје, ЈЗУ–Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.Наум Охридски“-Скопје и Универзитетски клиники или отпусно писмо со специјалистички извештај и/или друга медицинска документација.
Со законот, меѓу другото, се прецизира постапката за остварување на правото на додаток за слепило или мобилност и за глувост. Се воведува кривична одговорност за стручниот работник во центарот и одговорното лице во случај на противправно доделување еднократна парична помош и противправно остварување на правото на паричен надоместок за нега од друго лице, додаток за слепило или мобилност и додаток за глувост. Истовремено, се воведува кривична одговорност и за лекар специјалист кој во постапка на остварување на одредено право дал неточни и невистинити податоци за здравствената состојба.
Извор: МИА