Синоќа, со финалниот натпревар на турнирот „Илинден 2014“, отпочнаа празничните чествувања, овојпат зацртани со културната манифестација „Илинденска вечер во Елшани”. Имено, по неколкудневни спортски и фудбалски натпревари, a пред неколку стотини посетители, со интонирање на македонската химна отпочна и се одигра финалето меѓу екипите на „Лева Патика“ и “Чанди компани”. Победници на турнирот станаа „Лева патика“ откако го добија финалето со 6:2.
Посебно за паметење од овој настан беше и одбележувањето на 5-годишнината од формирањето на здружението на граѓани „Родољуби Свети Илија“ – Елшани, чиј претседател, проф. Димче Донески во името на Здружението донираше дресови, топки и други спортски реквизити за учесниците на финалниот натпревар. Со логото на Здружението „Да ги чуваме и негуваме македонските и христијански обичаи“ беа почестени и организаторите на културната манифестација која денес продолжува во својот полн ек.
Најпрвин, со отворање на изложбата на фотографии на роднокрајниот фотограф Танче Ламбевски, која ќе се отвори во 18 часот. По неа следува настапот на младите музичари „Елшански мерак“, настап на КУД „Филиграни“. Од 21 часот ќе настапи скопскиот реномиран театар „Скрб и утеха“, а вечерта ќе заврши со фолк забава на познатиот пејач Спасе Матлијоски.
Паралелно со ова се и верските чествувања на христијанскиот празник Свети Илија, кој е и патрон на Елшани и елшанци.
Павел Донески, еден од организаторите на манифестацијата Илинденска вечер, упати јавна покана до сите празникољупци кои сакаат да вкусат култура и забава да бидат дел од вечерашните збиднувања во Елшани!