Царинската управа започна кампања за информирање на патниците кои влегуваат, излегуваат или транзитираат низ Република Македонија за нивните права и обврски поврзани со внесувањето и изнесувањето на пари. Кампањата „Пријавете пари“ стартуваше на аеродромот „Александар Велики“ – Скопје.
Потребата од ваква кампања произлезе од чувството дека патниците се недоволно информирани за износот на пари кој е дозволен да се внесе, односно изнесе од државата. Затоа говори фактот дека од почетокот на годинава, заклучно со јули 2014 година откриени се 29 обиди за нелегално пренесување преку граница на готови пари и хартии од вредност во различни валути, во противвредност од околу 1,8 милиони евра, од кои 248.600 евра, 106.600 швајцарски франци и чекови во противвредност од 1.443.715 евра.
Во рамките на кампањата изработени се брошури на македонски, англиски, албански и турски јазик со информации за важечката царинска регулатива поврзана со пријавување пари. Покрај ова, изработено е и информативно решение кое во соработка со ТАВ е поставено на екраните на Аеродромите Александар Велики и Св. Апостол Павле во делот за чекирање каде патниците поминуваат пред да излезат од државата и во делот на зоната за пристигнување на мониторите кај лентите за багаж каде патниците го чекаат својот багаж при влез во државата. Изработени се и информативни табли за важечката царинска регулатива за патнички промет, односно за дозволените количини за внесување или изнесување на тутунски и алкохолни производи, парфеми, предмети за лична употреба, лекови, миленичиња итн. Таблите изработени на македонски, албански и англиски јазик се поставени на граничните премини.
Инаку, лимитот за внесување на пари изнесува 10.000 евра. Ефективни странски пари над 10.000 евра, задолжително се пријавуваат на царинските органи. Што се однесува до изнесувањето на пари од Македонија, резидентите мора да го пријават секој износ над 2.000 евра при што се приложува потврда од овластена банка или менувачница. Изнесување на ефективни странски пари над 10.000 евра и 120.000 денари е забрането. Нерезидентите можат слободно да изнесат ефективни странски пари во износ до 10.000 евра по лице. Доколку изнесуваат ефективни странски пари над 10.000 евра задолжително се приложува на увид писмената потврда во која е евидентиран износот при влез од страна на царинскиот орган.
Глобите за непријавување или погрешно пријавување на пари кои патниците ги носат со себе се сериозни. Казните се движат во износ од 1.500 до 3.000 евра за физички и од 6.000 до 10.000 евра за правни лица во денарска противвредност. Предвидени се и затворски казни за случаи поврзани со перење пари и финансирање тероризам. Пропишани се и мерки за одземање на целата сума или дел од привремено задржаните пари.
Од преземањето на надлежноста за решавање на царински прекршочни предмети (во 2008 година), Царинската управа има одземено над 4,6 милиони евра вкупно, од кои 3.963.414 евра, 140.512 американски долари, 527.040 швајцарски франци и 5.175 британски фунти. Од овие, со правосилни решенија крајно се одземени 769.197 евра, 48.412 американски долари, 277.890 швајцарски франци и 5.175 британски фунти.
Ги потсетуваме патниците кои имаат намера да ја преминуваат македонската граница и за важечката царинска регулатива за патнички промет, со цел да се избегнат подолги задржувања на граничните премини и да се обезбеди брз и безбеден проток на патници и стока.
Таканаречениот „зелен канал“, таму каде што постои, патниците можат да го користат само доколку не поседуваат стока која подлежи на плаќање увозни давачки. Во спротивно се користи „црвениот канал“, се пријавува сé што патникот носи со себе и во т.н. скратена царинска постапка се царини стока чијашто вредност не надминува 800 евра во денарска противвредност по единствена царинска стапка од 15% и ДДВ од 18%.
Во Македонија, покрај личниот багаж и лекови за лична употреба, слободно може да се внесат до 200 цигари (или 100 цигарилоси или 50 пури или 250 грама тутун за пушење) еден парфем од 50 мл или една тоалетна вода од 250 мл и литар алкохолен пијалок и 2 литри вино. Ослободувањата за преработки од тутун и алкохол и алкохолни пијалоци не важат за патници помлади од 18 години.
Потребни се посебни дозволи за живи животни, суровини од животинско потекло, домашни миленичиња и за растенија. Забрана постои и за оружје и муниција, недозволени супстанци, отрови и штетни материи како и за фалсификувана и пиратска стока.
Домашните патници се ослободени од увозни давачки за увоз на стока од некомерцијална природа во вредност до 350 евра. Во овие 350 евра не влегуваат алкохолни пијалоци, преработка од тутун, парфеми и тоалетна вода.
Преку информирање на патниците за нивните права и обврски, ефикасна организација и примена на современи царински постапки, на сите оние кои доаѓаат во Македонија, на оние кои патуваат во странство или транзитираат низ земјата, Царинската управа ќе им обезбеди брза, безбедна и лесна царинската контрола.