И Немања Радуловиќ ја пресече роденденската торта на Охридско лето

Фестивалот „Охридско лето“ денеска прослави 54 години постоење. Роденденската торта се пресече во присуство на членовите на групата „Ѓаволски трилери“ и светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ кои годинава се ексклузивните гости за овој голем ден на фестивалот. Токму со нивниот концерт на Антички ќе се запише уште една успешна година на најголемата манифестација која се потврди како најзначајна културна манифестацја успевајќи да го одржи и чекорот со европските и светските културни токови и се вброи во елитата на најголемите и најзначајни Фестивали во светот. Музичарите на гудачки квинтет од Франција заедно со Радуловиќ го почестија фестивалот со роденденската „happy birthday“во празнична атмосфера во кафе барот Куба Либре .

Мошне ми е драго што повторно сум тука со вас, овојпат особено задоволство што ќе настапуваме на Античкиот театар. За овој специјален настан, за роденденот на фестивалот, се собравме да се претставиме со програма што неодамна го снимивме во Берлин и Париз за нашето следно це-де, така што ова ќе биде и своевидна промоција на тој материјал“, изјави Радуловиќ.

Радуловиќ и неговите колеги воодушевени од градот Охрид, не го криеја задоволството што се тука. Како што рекоа самите тие, ја искористиле можноста покрај нивниот настап на „Охридско лето“, да ги поведат со себе своите семејства и неколку дена да минат на брегот на Охридското Езеро.

Директорката на Охридско лето Елизабета Јакуловска оценувајќи дека годинава фестивалот бележи една од најуспешните рече дека посебна е честа што роденденот ќе помине во знакот на концертот на „Ѓаволски трилери“ и светски познатиот Немања Радуловиќ.

„Голема е честа и радоста што токму денеска славиме со нешто што ќе биде најубаво, концертот на групата „Ѓаволски трилери“ заедно со нашиот специјален гостин кој го затвори и минатогодишното издание на фестивалот, светскиот виолинист Немања Радуловиќ,“ рече Јанкуловска.

Селекторката на музичката програма Гордана Јосифова-Неделковска на прес-конференцијата по повод 54-от роденден на „Охридско лето“ ја искористи можноста да се заблагодари на сите поединци и институции кои децении наназад го дале најдоброто од себе за фестивалот да го достигне ова ниво, но и задолжение за сите останати, актуелниот тим на „Охридско лето“, за фестивалот и натаму да чекори единствено по патот на успехот.

За денот на роденденот на „Охридско лето“, 4. август, веќе традиција е да се организираат концерти на познати имиња од музиката, со програма што ќе го слави секое ново фестивалско издание.

„Години наназад фестивалот организира настани што се паметат на само во меморијата на фестивалската публика, туку и се запишани длабоко во страниците на историјата на фестивалот. Тоа се концерти наменети за пошироката публика, а целта е единствена – што поголем број посетители да присуствуваат на овие настани и заеднички да се прославува секој нов роденден“, истакна Јосифова-Неделковска.

OH_LETO_RODENDEN2