Во катедралната црква „Света Софија“ вечерва со почеток во 21 часот ќе настапи гитаристот Дарко Багески.
Багески своето образование го започнува во Скопје, Македонија, матурира во Загреб, Хрватска, а дипломира во Вајмар, Германија.
Постдипломските студии ги завршил во Солун (Грција), во класата на професорот Костас Коциолис. За време на своето школување учествувал на многубројни меѓународни стручни семинари и посетувал мајсторски курсеви кај еминентни професори и педагози по класична гитара. Во текот на својата кариера остварил многубројни солистички настапи во Македонија, Хрватска, Грција, Германија, Шведска, САД и други земји.
Дарко Багески се јавува и како претседател на Здружението на класични гитаристи на Република Македонија, член е на повеќе интернационални жири-комисии, а значајна е и неговата улога во основањето на меѓународниот фестивал „Гитар фест – Тремоло“. Во моментов работи како вонреден професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје.