Возбудлив роденден на Охридско лето – Ѓаволските трилери ја кренаа публиката на нозе

Совршен флуид со публиката, искрени аплаузи и трикратно враќање на бис. Таков беше синоќешниот концерт на групата „Гаволски трилери“ кои заедно со светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ настапија за 54-от роденден на „Охридско лето“.

Филмска музика, музика во нивни аранжман, композиции од славните светски композитори, унгарски чардаш, за на крајот да ја довоодушеват публиката со извонредната македонска „Зајди јасно сонце“.

Педесет и четвртиот роденден на оваа најпрестижна музичко-сценска манифестација во Македонија помина во знакот на гудачкиот квинтет од Франција кој уживаше на сцената на Антички театар која според членовите на составот беше голем предизвик и инспирација да се даде максимумот за публиката.

N_R6

„Уживавме цело време. Од првата нота уживавме, дури и кога се вративме на првиот бис бевме премногу возбудени.Излегувавме еден по еден на сцена , и тоа чувство не можам да ви го опишам. Го очекувавме овој концерт цела година, откако се договоривме за овој концерт. Едноставно експлодиравме со првата нота“ – изјави виртуозот на виолина Радуловиќ.

 И пијанистката Лор Фавр –Кан воодушевена од настапот, од поддршката на присутните на Антички, но и од градот Охрид.

„Концертот беше прекрасен. Градот е прекрасен а и концертот навистина беше воодушевувачки. Имам само убави зборови за она што го доживувам овде“ – рече таа.

N_R7

А меѓу публиката имаше и фанови на Радуловиќ кои специјално од Србија допатуваа во Охрид за да го проследат неговиот уникатен настап.

„Дојдов од Ниш, специјално за концертот на Немања Радуловиќ зашто ја почитуваме неговата работа. Група граѓани од Ниш дојде специјално за да го следи неговиот настап овде. Пред се, сме воодушевени од организацијата на фестивалот. Првпат сум во Охрид, народот е прекрасен, а и концертот целосно ме хипнотизира “– изјави обожавателка и сограѓанка на виолинистот Немања.

За да биде атмосферата уште попријатна, синоќа придонесоа и светлосните ефекти на сцената на Антички, за кои Немања уште на генералната проба што се одржа ден претходно кажа дека се чувствува како некоја голема и позната рок-ѕвезда.

Ова не е првпат Радуловиќ да настапува на „Охридско лето“. Минатата година имаше чест да го затвори фестивалот, но во пијано придружба на Сузан Маноф со која беше враќан дури четири пати на бис. Попладнево тој заедно со првите луѓе на фестивалот ја пресекоа и роденденската торта во кафе-барот „Куба Либре“.

N_R11