Врз основа на епидемиолошката состојба и потврда на случај на присуство на болеста Син јазик во општина Берово во атарот на селото Русиново во одгледувалиште на овци, 6 животни се позитивни на антитела, а во два од примероците со метода на PCR е утврден причинителот на болеста.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство издаде Решение за преземање на мерки во случај на сомнеж и појава на болест Син јазик на територијата на Република Македонија. Во соседните општини на општината Берово се земаат мостри од одгледувалишта, односно од сомнителните или други приемчиви животни за лабораториско испитување.
Болеста Син јазик е вирусно заболување кое ги напаѓа преживарите (овци, кози и говеда), а се пренесува преку инсекти Culicoides, кои се заразуваат со вирусот кога цицаат крв од инфицирани животни. Не се пренесува од животно на животно, не е зооноза и не постои ризик по здравјето на луѓето.
Болеста различно се манифестира кај различни видови животни, во најтешка форма се јавува кај овците, каде предизвикува намалување на телесната тежина, намалување на млечноста, нарушување во растот на волната и можна смртност. Морталитетот варира од 2-30% кај заболените животни, но, може да достигне и до 70%.
Кај овците се јавува следната клиничка слика:
– Треска
– Хеморагии и улцерации на усната и носната празнина
– Обилно лигавење и исцедок од носот, оток на усните, јазикот и вилицата
– Воспалување на коронарниот зглоб и кривење
– Слабост, депресија и намалување на телесната тежина
– Профузен пролив, повраќање и пнеумонија
– Син јазик како резултат на цијаноза (поретко се јавува)
– Абортус
– Пореметување во растот на волната кај реконвалесцентите што резултира со делумно или целосно паѓање на волната.
Од страна на Агенцијата формирана е работна група за спроведување на мерки за контрола и сузбивање на болеста Син јазик и согласно Програмата за сузбивање и искоренување на болеста Син јазик која е во целост усогласена со директивата на ЕУ ( “Службен Весник на Република Македонија бр. 104/07) формирани се:
Зона на жариште, околу заразеното одгледувалиште во радиус од 20 км. (во кое спаѓаат следните општини Берово, Босилово, Василево, Ново Село, Радовиш и Струмица);
Заштитна зона со радиус од 100 км. околу заразеното одгледувалиште (во која спаѓаат општините Велес, Градско, Кавадарци, Лозово, Росоман , Свети Николе, Чашка, Пробиштип, Новаци, Прилеп, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Ранковце, Старо Нагоричане, Илинден, Зелениково, Петровец, Демир Капија, Неготино, Виница, Делчево, Зрновци, Карбинци, Кочани, Македонска Каменица, Пехчево, Чешиново –Облешево, Штип, Богданци, Валандово, Гевгелија, Дојран и Конче); и
Зона по надзор со радиус од 50 км околу заштитната зона (во која спаѓаат општините, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Дебарца, Битола, Демир Хисар, Могила, Ресен, Брвеница, Гостивар, Желино, Јегуновце, Теарце, Тетово, Аеродром, Арачиново, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Сопиште, Студеничани, Центар, Чаир, Чучер Сандево и Шуто Оризари).
Во утврдените зони надлежните официјални ветеринари ги преземаат сите мерки предвидени согласно Програмата за сузбивање и искоренување на болеста Син јазик.