„Женидба“ од Гогољ во изведба на рускиот театар „У-моста“ утревечер на „Охридско лето“

Во рамките на драмскиот дел од програмата на годинешното издание на фестивалот „Охридско лето“ утревечер во Предворјето на црквата Света Софија ќе биде изведена претставата „Женидба“ на Николај Василевич Гогољ, во режија на Сергеј Федотов, а во изведба на Театарот „У-моста“ од рускиот град Перм.

На денешната прес-конференција по повод гостувањето на театарот од Русија беше истакнато дека се работи за поставка што години наназад е на репертоарот на куќата, наградувана претстава, високоуметничка поставка за која секогаш се бара билет повеќе, за секоја нејзина изведба.

Режисерот Сергеј Федотов кој е и директорот на театарот „У-моста“ , рече дека тоа е мистичен театар, за кој критиката се изјаснила дека според приодот кон делата што се играат е единствен театар од тој вид во светот.

„Дека мистиката е тука потврда е што пред само три дена настапувавме во Иркутск, на брегот на Бајкалското Езеро, за сега да сме тука, повторно на едно прекрасно езеро, за кое самите актери реако дека е поубаво од Бајкалот“, изјави Федотов.

Тој забележа дека настапот на „Охридско лето“ е совршениот завршеток на нивната годишна турнеја во чии рамки настапуваа на фестивали во Калининград, Витебск, две изведби во Литванија и во Иркутск, Русија.

За самата претстава „Женидба“ Федотов рече дека во процесот на поставувањето дошле до сознание дека во претставата постои ѓавол, за сепак на крајот да победи човекот.

„Претставата е топла, свртена кон човекот. Поинаквиот пристап кон поставката ни дозволува од претставата да создадеме комедија, за која публиката и критиката оценува дека се работи за сосема невообичаен израз, нешто невидено“, истакна Федотов кој е и режисер на „Женидба“.

За Ирина Молианова, главниот актер во претставата, ова е најомилена претстава, а улогата што ја толкува ја поистоветува како духовно прочистување.

„Тука целосно се предавам во улогата, два часа духовно прочистување, што ги користам за целосно да му се предадам на Бога,“ изјави таа.

Публиката ќе може да погледне комедија на сцената, претстава исполнета со чуда, неверојатни и неочекувани акции. Кочкарјов е синоним за ѓавол и ја претвора сцената во пекол, страшна и мрачна, опкружена со демонски сили, а потоа Кочкарјов исчезнува во мракот. Сеништата и привиденијата на сцената се застрашувачки,но во исто време и фасцинантни. Актерот Василиј Скиданов вели дека после секоја претстава се чуствува духовно прочистен.

„Оваа претстава е давана на 20 фестивали и секогаш ги освојувавме главните награди“, вели Скиданов.

Ристо Стефановски еден од најпознатите македонски театролози оцени дека „Женидба“ претставува значајна високо вреднувана уметничка претстава.

Популарноста „Женидба“ е повеќе од 20 години на програмата на „У-моста“, а секоја нејзина изведба е целосно распродадена, понекогаш изведувана во Перм и по четири пати дневно.

„Женидба“ ќе се игра утревечер на прекрасната сцена во Предворјето на црквата „Св. Софија“ со почеток во стандардниот термин од 21 часот.

ZENIDBA_PRESS