Мешани патроли составени од полициски службеници и граѓани синоќа патролираа низ Охрид. Заедничките патроли што се дел од проектот „Соседска патрола“ се реализираа низ одредени централни и периферни делови на градот, се посетија повеќе угостителските објекти и места каде во изминатиов период се случиле кривични дела и прекршоци.
Во патролата, синоќа покрај полициските службеници беа заменик градоначалникот Ангел Јанев, претставници од секторот образование во Локалната самоуправа, претставници од урбаните заедници, од училишните одбори, од советот на родители, наставници, репрезенти од советодавните групи на граѓани и други заинтересирани институции.
На заедничкиот координативен состанок одржан пред стартот на „Соседската патрола“, беше речено дека оваа заедничка превентивна активност на полицијата, локалната самоуправа, граѓаните и претставниците на институциите значи голем придонес кон зголемување на безбедноста во Охрид, кон намалување на кривичните дела и смалувањето на нарушувањата на јавниот ред и мир. Заеднички, по реализацијата на „Соседската патрола“ беше констатирано дека проектот е корисен и дека треба да биде повторно реализиран.
„Соседска патрола“ е превентивен проект на Министерството за внатрешни работи одобрен од Владата на Република Македонија кој има за цел да се зајакне новиот концепт на полициско работење со заедницата, вклучување на локалната самоуправа, урбаните заедници и граѓаните за подобрување на соработката со полицијата и зголемена безбедноста во населените места.