Спој на квалитетна програма и врвни уметници – ново доживување за љубителите на класиката

Маестрален настап имаше најреномираниот српски камерен оркестар „Гудачите на Свети Ѓорѓе“ синоќа на концертниот подиум во црквата „Света Софија“.

Публиката на „Охридско лето“ уживаше во делата на Јохан Себастијан Бах, Џузепе Верди, Џакомо Пучини и Франческо П. Тости, а како солисти на вечерта настапија тенорот Зоран Тодоровиќ и виолинистот Јован Колунџија. Се работи за двајца извонредни српски уметници кои имаат врвни дострели на светските музички сцени.

Ваков спој, коментираа посетителите на фестивалот, од врви уметници и квалитетни дела ни подари незаборавно доживување и уште една фестивалска вечер која долго ќе се памети.

Gudaci_1

Камерниот оркестар „Гудачите на Св. Ѓорѓе“ од Србија важи за еден од највпечатливите ансамбли кој за 22 години колку што постои, има издадено 17 компакт-дискови, над 1600 концерти и бројни радио и ТВ-снимки.

Зоран Тодоровиќ е српски тенор, кој живее и работи во Германија. Својот меѓународен углед во оперскиот свет го стекнал со своите исклучителни настапи на врвните светски оперски сцени во Германија, Австрија, САД, Франција, Велика Британија, Јапонија и др. На неговиот репертоар се повеќе водечки улоги во оперите, а покрај оперскиот, доста опширен е и неговиот концертен репертоар. Ова не е прв пат Тодоровиќ на настапува со Камерниот оркестар „Гудачите на Св. Ѓорѓе“. Нивниот заеднички концерт во Белград во 2013 година, беше прогласен за најдобар концерт на сезоната.

Виртуозот на виолина Јован Колунџија изградил сјајна светска кариера со над 4000 концерти (некои од нив и за хуманитарни цели). Добитник е на голем број награди и признанија за неговата уметничка и педагошка дејност. Колунџија настапува во најпрестижните концертни сали и фестивали низ светот.

Gudaci_4