По Скопје, Неготино, Битола и Струга, од денеска и Охрид е градот во кој се прошири продажната мрежа на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“. Во партнерство со Црвен крст Охрид, двајцата продавачи Снежана и Љупчо го понудија списанието на жителите на Охрид, но и на туристите кои го посетуваат градот под заштита на УНЕСКО. Тие со продажбата на еден примерок заработуваат половина од цената на списанието (сто денари), и имаат можност да бидат дел од моделот на улично списание кое социјално и економски ги зајакнува маргинализираните граѓани и кој успешно се спроведува во земјава веќе две години.
На ваквата иницијатива на платформата за активизам, поддршка ѝ дадоа и актерите од Народниот театар во Охрид, Јасмина Билаловиќ и Никола Тодороски, како и програмската координаторка на Здружението Иницијатива за независен културен активизам (ИНКА), Кристина Тодороска – Петреска. Тие после одржаната прес конференција им се придружија на новите продавачи во понудата на списанието на своите сограѓани.
Општина Охрид прва ги отвори вратите за продавачите, а сите заедно беа и во посета на Народниот театар во Охрид, како и низ чаршијата.
„Лице в лице“ не само што им помага на маргинализирните да го најдат своето место во општестовото, туку и ни помага и нам, граѓаните со содржините кои ги нуди, кои се едукативни, корисни и ослободени од дневната политика“ – изјави актерката Билаловиќ.
Кристина Тодороска – Петреска, од ИНКА, која е верен поддржувач на „Лице в лице“ и редовно им помага и на струшките продавачи, пак, изјави:
„Лице в лице“ им дава шанса на маргинализираните лица да направат чекор напред, но и поддржува и помага иницијативи кои стануваат важен фактор во општеството.
Според актерот Тодороски, денеска сите на некој начин сме маргинализирани. Тој нагласи дека со вклучувањето во иницијативите на „Лице в лице“, ќе можеме да се потсетиме колку е важно да си помагаме како луѓе.
Вкупната бројка на продадени копии на уличното списание „Биг ишју“ во Велика Британија е 105.000 примероци неделно, во Минхен се продаваат 30.000 копии од списанието „БИСС“ месечно, а во Љубљана 12.000 примероци на „Кралеви на улицата“, исто така во текот на еден месец.
„Како се стигнува до тиражи како гореспоменатите?“ – праша извршната директорка на „Лице в лице“, Климентина Илијевски и стави акцент на важноста од поддршката од страна на граѓаните.
„Колку побројна е освестената публика, толку продавачите ќе бидат помотивирани и позадоволни од својата заработувачка и толку повеќе ќе расте бројот на новоприклучени продавачи. Сè поголемата бројка на продавачи ќе значи и сè поголем придонес во намалување на сиромаштијата и исклученоста“ – рече Илијевски.
Координаторката за организациско – стручни работи на Црвен крст Охрид, Мимоза Ставрева потенцираше дека социјалното претприемаштво е основа за вклучување на сите лица од ранливите категории во општеството, но, истовремено, претставува нивна можност за заработка.
„Драго ми е што неодамна им се јавив на нашите корисници, со цел да ги известам за нешто многу повеќе од пакет помош. Со работниот ангажман во „Лице в лице“, тие ќе можат и сами да си го обезбедат она што им е најпотребно“ – објасни Ставрева.
Изминатиов период, во партнерство со Црвен крст Охрид се вршеа подготовки за проширување на мрежата на „Лице в лице“ и во овој град, а продавачите минаа и низ обуки кои ги подговија за новиот предизвик.
Списанието ќе може да се купи само од продавачите кои ќе можат да се сретнат во охридската чаршија, на кејот, на плажите долж Охридското крајбрежје.
„Лице в лице“ е активистичко улично списание, кое го промовира моделот на социјално претприемаштво кај нас. Го продаваат социјално загрозени сограѓани, бездомници, младинци од улица и лица со пречки во развојот. Половина од продажната цена на списанието е директна поддршка за продавачот, додека останатата половина се вложува во програми за инклузија на овие сограѓани и за печатење на нов број на списанието.
Актуелниот, 11 број на „Лице в лице“ во фокусот ја има животната средина, го промовира возењето велосипед како одржлив начин на транспорт, а го воведува и терминот „чакчење“ (кој според „правописот“ на точакољубци е перчење, веселост, гордост поради чувството што ти се јавува при процесот низ кој точакот ти станува поважен од автомобилот). На насловната страница, специјално за „Лице в лице“, позираа познати точакољупци со своите „пријатели“ – велосипедите: Верица Андреевска Спасовиќ, Ана Јовковска, Биљана Гинова, Јована Тозија, Ненад Тонкин и Костадин Шурбановски – Шурбе, додека на последната страница е менаџерката и ТВ лице – Зорица Црношија.Во списанието ќе ги најдете и најуспешните дела од повикот „Лице в лице со животната средина“, кои беа претставени на изложбата „Зеленк клик“, а кои се дел од повикот „Вклучување граѓани за позелена Европа“,во склоп на ЕУ – проектот „Развој на ЕНВ.нет во Западен Балкан и Турција: давање глас на граѓаните за да влијаат на процесот на реформите од животната средина за поблиска интеграција во ЕУ“.