Се заменуваат сообраќајните знаци и се дислоцираат и бележат такси станиците во Охрид

Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид и во летниов период продолжува со определени активности на терен во насока на поголема заштита и безбедност во сообраќајот на територијата на Општина Охрид.

Во текот на денешниот ден по налог на надлежните од Секторот за комунални дејности и во соработка со СВР Охрид, екипи на ЈП „Нискоградба“ започнаа со активности на замена на стари и оштетени сообраќајни знаци со нови во поширокото централно градско подрачје, поточно на ул. „Партизанска“.

Акцијата со уште поголем интензитет ќе продолжи и во текот на следните неколку денови така што паралелно освен замена на сообраќајни знаци и поставување на нови онаму каде што стручните лица утврдиле дека е потребно , ќе се дислоцираат и такси станиците и ќе се бележат истите.

Со оваа акција за замена на сообраќајни знаци и дислокација и бележење на такси- станици се заокружува еден процес на подобрување на безбедноста на сообраќајот во најфреквентниот период од годинава.

Од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици истакнуваат дека будно ќе ги следат и можните ново настанатите состојби од овој аспект во било кој период од годината.

Активностите за замена на сообраќајните знаци и дислокација и обележување на такси станиците во градов се дел од годишната програма утврдена од Советот на Општина Охрид.

znaci_400