Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ) е второрангирана во анкетата „Таен клиент“ од 11 институции и го има најголемиот пораст во рангирањето во споредба со минатата година, кога била на шестото место од вкупно девет институции.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски беше во посета на оваа институција и притоа истакна дека подобрите оценки за оваа институција се должат на исполнувањето на Акцискиот план, што АВРМ го имаше како задолжение од Владата по минатогодишната анкета.
„Најголем дел од тој план е реализиран и соодветно на таа реализација, резултатите од оваа анкета се далеку подобри во споредба со минатата година. Најдобри резултати се постигнати поради односот на вработените во повеќето подрачни единици кој е позитивно оценет од граѓаните. Добро е што вработените се љубезни и коректни кон граѓаните“, изјави Ивановски.
Севкупно најслаби резултати има во подрачните единици во Куманово, Струмица и Битола, додека најдобри резултати имаат Неготино и Валандово.
Во повеќето подрачни единици, појасни министерот, вработените ја објаснуваат процедурата за добивање на конкретна услуга, се претставуваат на телефоните, љубезни се и на крајот на разговорот, се почитува и едношалтерскиот систем во највисок процент од случаите, поставени се и сандачиња за жалби и поплаки.
„Доста е значајно тоа што операторот не ги префрлал од еден на друг вработен, што значи дека фукционирањето на системот нема погрешна врата високо се почитува во оваа институција. Задоволството од севкупното исксутво е на највисоко ниво во АВРМ“ изјави Ивановски.
Но, предупреди тој, сепак е потребно да се подобри односот на вработените во неколку подрачни единици, реконструција на самиот објект особено во Куманово, да се подобри времето на чекање во Скопје, Битола и Берово, да се подобри системот ливче за чекање во Битола, Струмица и Штип.
Директорот на АВРМ Влатко Поповски најави дека во наредниот период 13 подрачните единици ќе бидат првично реновирани со грант од Европската унија.
„ Во тек е постапка за промена на објектот во Кратово каде што добивме еден објект од Владата на Република Македонија и што ќе биде ставен во функција до крајот на оваа година“, изјави Поповски.
Во подрачните единици кај кои се забележани негативности, во споредба со претходните години е подобрена состојбата, но, вели тој, сепак треба уште да се работи, како што е Струмица и Битола.