Јанакиески: Поголем економски развој за источна Македонија со изградбата на патната инфраструктура

Побезбеден и помодерен сообраќај ќе овозможи реконструкцијата на патот Велес-Штип на делницата до Кадрифаково која е во должина од девет километри, а за чија изградба информираше министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски и градоначалниците на Велес, Штип и Лозово.

Инветицијата вреди 6,5 милиони евра, а предвидува проширување на три коловозни ленти односно 11 метри.

„Овој патен правец е ветување во програмата на Владата, но исто така и барање и потреба од граѓаните. Оваа делница е стара над 50 години, а по завршување на градежните работи ќе се овозможи побезбеден и помодерен сообраќај“, истакна Јанакиески.

Реконструкцијата на патoт со одредено проширување чини околу 15 милиони евра, а вкупно се опфатени 24 километри. Еден дел од патниот правец веќе е завршен, информира Јанакиески.

Тој потенцира дека сега се работи и на проектирањето за проширување и реконструкција на делницата од Штип до Кочани, кој се очекува да започне со градба кон крајот на наредната година. Моментално се работи и на патот од Делчево до Голак.

Согласно владината програма во иднина планиран е и експресен пат од Штип до Радовиш кој треба да почне да се гради кон крајот на 2017 година.

Во тек е изградбата и на патот од Скопје до Штип, а Јанакиески истакна дека паралелно се работи на голем број локални патишта со што Владата работи посветено на реализација на програмата ветена пред граѓаните.

„Изградбата на патната инфраструктура во Источна Македонија ќе значи поголем економски развој за Источна Македонија како и побрзо и побезбедно патување на граѓаните“, потенцира Јанакиески.

Директорот на ЈП за патишта Љупчо Георгиевски истакна дека рокот за изградба на оваа делница е 18 месеци,а работите започнаа во мај годинава. – За оваа година можеме да им ветиме на граѓаните дека до крајот на годинава ќе биде поставен првиот носечки слој на асфалтот, а финалниот во наредната година согласно програмата на Владата и на Министерството за транспорт и врски, потенцира Георгиевски.