Фондот за здравствено осигурување напредува за две места споредено со минатата година, на листата на оценети институции според методологијата „Барометар на квалитет на институциите„ Најдобри резултати се постигнати во однос на искористувањето на едношалтерскиот систем, љубезноста на вработените и телефонските јавувања на „тајните клиенти“.
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, на заедничка прес-конференција со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнарџиева – Змејкова посочи дека има голем број електронски услуги кои оваа институција ги воведе минатата година кои позитивно ќе влијаат врз резултатите при спроведувањето на анкетите.
„Една од најзначајните услуги кои позитивно ќе влијаат ќе биде промената на матичниот лекар која може да се направи по електронски пат, услуга за која на годишно ниво во Фондот има до 600.000 промени. Тоа значи дека 600.000 граѓани нема да доаѓаат на шалтерите, ниту во подрачните единици и промената може да ја направат преку компјутер или преку својот матичен лекар.“– рече Ивановски.
Тој додаде дека најсилни подрачни единици на ФЗОМ се Струга, Охрид и Неготино, додека меѓу најслабите се Скопје, Тетово, Гостивар и Кочани.
Парнарџиева – Змејкова рече дека „тајниот клиент„ им помага во откривањето на одредени слабости во нивното работење, како што се видливото означување на шалтерите, што придонесе Фондот да биде оценет како најдобра институција во тој дел.
„Анкетата покажа дека најчесто на шалтер осигурениците завршуваат работа за најмногу 15 минути. За нас најголем предизвик и бенефит ќе биде користењето на системот за електронски услуги.„- додаде Парнарџиева – Змејкова.
Од јули минатата година, вкупно 605.000 осигуреници направиле електронска пријава кај матичен лекар, додека 473.000 се одјавиле.