Креативни индустрии на Охридско лето – изложба на Ленче Војнеска

Во рамките на дополнителната програма на Охридско лето на 18- ти август на малиот плоштад во Охрид ќе биде поставена изложбата на Ленче Војнеска чии дела се спој помеѓу уметноста и органската хемија.

Според Ленче, уметноста е независна и слободна позиција во општеството. Затоа луѓето треба да се поттикнат да бидат креативни, да се изразуваат и творат и да постои комуникација меѓу уметникот, уметничките дела и публиката.Органската хемија, како гранка на хемијата, е релативно млада и насекаде присутна и во себе вклучува употреба и познавање на системи, методи, занаети, техники и алатки. Инспирирана и воодушевена од сето ова и од меѓусебната врска и неразделност, таа се обидува да го претстави сето ова изработувајќи слики.Делата изобилуваат со некласични мозаици и релјефни мотиви кои се земени од традицијата на нашиот народ, од Македонија, од нас и од нашиот Охрид. Поголем дел од материјалите што ги користи за изработка на делата се овошје, зеленчук, јаткасти плодови, прашкасти и зрнести производи, житни и индустриски растенија.

Ленче Војнеска е дипломиран инженер-технолог, која од мали нозе е посветена на уметноста. Охрабрена и мотивирана од наградите кои ги добила во текот на своето школување, а посебно добиената благодарница од страна на Комитетот на Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Македонија, го започнува своето творештво.