Со поддршка на Министерството за култура во тек е реализацијата на шестата фаза од проектот за конзервација и реставрација на архитектурата и на фрескоживописот на црквата „Свети Никола“ во охридското село Косел.
Стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид интензивно работат во внатрешноста на црквата на конзервацијата на вредниот фрескоживопис. Се конзервираат оштетените фрески од ѓакониконот ( стариот слој), а паралелно се врши опшивање на нестабилните делови од новооткриениот живопис и ињектирање.
Во рамките на претходните фази беше извршена конзервација на архитектурата на црквата, која беше целосно распадната и за која постоеше опасност од рушење. Објектот статички е зајакната, направено е целосно препокривање, фугирање на отпадните делови, беше расчистен околниот простор, а старите врати на западната и на јужната фасада се заменети со нови, изработени од храстов материјал и соодветно декорирани.
Црквата „Свети Никола“, која е значаен споменик на културата, датира од 15-от век и има специфична архитектура со мали димензии и со својот облик е сродна на повеќе еднокорабни цркви од околината на Охрид. Токму поради вредноста на нејзината архитектура и на нејзиниот фрескоживопис, таа е особено интересна за посетителите.